МОЖЕ ДА СМЕ И ПОМАЛКУ ОД 1,8 МИЛИОНИ Ќе се отстранат двојно попишаните, ќе се пребројат и непопишаните
Државниот завод за статистика ќе покрене барање за санкционирање на бојкотирачите на пописот откако ќе се пребројат оние кои не се попишале поради оправдани причини.
Бројката од 1.832.696 попишани лица до завршувањето на статистичката операција може да се зголеми во следните шест месеци додека ги обработуваме резултатите, но немојте да се изненадите и доколку бројот се намали. Тоа е така затоа што очекуваме да се појават двојно попишани македонски државјани, вели директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС), Апостол Симовски, за Плусинфо.
Тој објаснува дека двојното попишување е оправдано поради тоа што дел од граѓаните биле затекнати од двајца различни попишувачи на две различни локации.
– Статистичката операција започна на 5 септември и траеше 25 дена, а во тој период дел од македонските граѓани биле затекнати на друго место, а не во својот дом. На пример, едно семејство кое во текот на септември заминало на одмор во Охрид, во Дојран или во Крушево, било затекнато од попишувач во апартманот каде што привремено престојувало. Тие граѓани влегуваат во статистиката, а потоа, откако се вратиле дома, повторно биле попишани. Таквите случаи беа очекувани и можам да кажам дека се оправдани. Наша задача е сега да ги вкрстиме податоците од базите и го отстраниме двојното попишување. Исто така, вкупната бројка на попишани може значително да се зголеми кога од дата-базите ќе ги извлечеме податоците од лицата кои одбиле да се попишат. Во моментов не можам да ви кажам точна бројка, но сигурно не се работи за голем процент – рече Симовски.
На пример, едно семејство кое во текот на септември заминало на одмор во Охрид, во Дојран или во Крушево, било затекнато од попишувач во апартманот каде што привремено престојувало. Тие граѓани влегуваат во статистиката, а потоа, откако се вратиле дома, повторно биле попишани.
Тој рече дека активно тече обработката на податоците и дека се надева оти резултатите ќе бидат готови и пред истекот на законските шест месеци.
Во поглед на оние граѓани кои активно бојкотираа и не им ја отворија вратата на попишувачите, Симовски рече дека ќе бидат санкционирани.
– Штом ја добиеме конечната бројка на попишани и на непопишани, но и откако ќе ги прегледаме сите забелешки на попишувачите, ќе покренеме барање за санкционирање на бојкотирачите. Секако, тоа не важи за оние кои не се попишале поради оправдани причини – истакна директорот.
На прашањето зошто голем број од граѓаните останаа непопишани и дали отворањето пунктови за попишување во општините било испланирано уште пред почетокот на пописот или се работи за чиста импровизација, Симовски рече дека сè течело според планот.
– Јасно ни е дека дел од граѓаните, и покрај тоа што сакаа, сепак од оправдани причини не успеаја да учествуваат во статистичката операција, но тие треба да знаат дека нивните податоци ќе бидат вметнати во конечните резултати. Во однос на пунктовите во општините, тоа е нормална и планска работа која беше активирана и за време на пописот во 2001 и во 2011 година. Граѓаните треба да бидат спокојни, конечно имаме успешен попис – рече Симовски.
Посебен дел за непопишаните
Луѓето кои одбиле да се попишат или поради друга причина не се попишале, нема да бидат опфатени со пописот, но ќе биде наведено дека тие луѓе постојат и ќе бидат евидентирани како граѓани кои се во земјава, но не учествувале во статистичката операција, објасни заменик-директорот на Државниот завод за статистика, Иљми Селами, во интервју за ТВ21.
Доколку го продолжевме рокот за пописот, луѓето повторно немаше да се попишат, но и доколку се попишеа ќе беше многу мал број кој немаше да влијае врз конечните бројки од пописот.
Тој вели дека непопишаните ќе влезат во посебен дел надвор од пописот.
– Станува збор за околу 10.000 луѓе. За да ви биде појасно, кога попишувачот доаѓа кај вас, ви ги поставува сите прашања по ред од прашалникот, а вие одговарате. Значи, таму каде што имаме податоци за тие лица, тие податоци се вметнуваат како податоци земени од базата на податоци, додека податоците кои се однесуваат на етникумот, религијата, јазикот кој го користат дома, за жал, ќе останат непополнети, бидејќи реално така е. Значи, ќе има граѓани кои не учествувале во пописот, а постојат тука. Во моментов 10.000 луѓе живеат во земјава, а не се опфатени со пописот. Бројката не е мала за одредени пресметки, планови за економијата, образованието, но тие ќе бидат вметнати во посебен дел надвор од пописот, нема да бидат опфатени со пописот и ќе биде наведено дека тие постојат, ќе бидат евидентирани како граѓани кои се во државата, но не учествувале во пописот – објасни Селами.
Тој додава дека луѓето кои останаа непопишани се мерат во промили, односно нивниот број не е ни 1 отсто од вкупното население.
– За пописот да биде успешен има еден одреден степен за можност да дојде до грешки. 2,5 е можноста за грешки. Во овој случај, луѓето кои останаа непопишани се мерат во промили, односно нивниот број не е ни 1 отсто. Станува збор за луѓе кои бојкотираа, не сакаа да се попишат, имајќи ги предвид сите повици за бојкот од политичките партии и други групи на интерес. Во втората група спаѓаат оние кои немаа храброст да кажат дека бојкотираат, бидејќи треба да се има предвид дека бојкотот е кривично дело и одреден број граѓани се плашеа од тоа. Сакаа да бојкотираат и тајно го правеа тоа, не ја отвораа вратата. Трета категорија се луѓе кои реално не беа дома, или биле надвор од државата или на годишен одмор, односно кога попишувач отишол да ги попише, не ги нашол во нивните домови. Како решение за ова, ние понудивме опција да можат да одат и самите да се попишат во пописните центри низ општините. Четвртата категорија се состои од неколку луѓе кои беа лошо информирани, исплашени и незаинтересирани, мислејќи дека попишувачот е извршител, дека ги евидентираат за вакцинација, дека се луѓе од Управата за јавни приходи или од разни инспекции. Поради разни причини и стравови, ова се категории на луѓе кои едноставно не сакаа да се попишат. Имајќи ги предвид сите овие работи, доколку го продолжевме рокот за пописот, овие луѓе повторно немаше да се попишат, но и доколку се попишеа ќе беше многу мал број кој немаше да влијае врз конечните бројки од пописот – рече Селами.
Каде се 350.000 државјани?
Поранешната директорка на Државниот завод за статистика, Благица Новковска, преку Фејсбук обвини дека во земјава не се попишани повеќе од 350.000 македонски државјани, но и дека недостигаат повеќе од 100.000 домаќинства.
„Пописот е неуспешен според многу критериуми и поради многу причини, но најважното е што многу го потценија народот кој сè уште е тука и оној народ кој си заминал од татковината. Им ги разбраа и ги препознаа сите некадарности, игри и договорени планови. Премиерот кажува дека 1 отсто од граѓаните не се попишани, а директорот скромно кажува дека се само 1 отсто. Секако, директорот кажува помалку зашто тој треба да е успешниот, ама и тој треба да допишува и да пополнува. Но, за оние кои разбираат статистика и можат да направат анализи и проценки, не се попишани повеќе од 350.000 македонски државјани, а недостигаат и повеќе од 100.000 домаќинства. Да ги потсетам дека сами ги погазија меѓународните препораки и стандарди за пописите и создадоа своја методологија според свој закон. Единица на попишување им беа државјаните, а единствената споредлива база им е Избирачкиот список. Спасот од промашувањата сега го вртат кон пописот од 2002 година. Тоа е евтин трик. Не можете да споредувате неспоредливи работи. Тогаш се попишуваа граѓани на Република Македонија според меѓународните стандарди и препораки за пописите, а сега евидентиравте државјани според ваша методологија и дефиниција“, посочи Новковска.
Слаб одзив на дијаспората
За поранешниот директор на Државниот завод за статистика, Дончо Герасимовски, жално е тоа што голем број од иселениците во Австралија, Канада, Нов Зеланд и во балканските земји, не се одзваа на пописот.
Тој вели дека бројката на нашинци во странство е многу поголема од таа што ја прикажува електронскиот попис, но како што објаснува, ова е база која на државата ѝ дава увид колкав број на население има и во кои земји во светот.

– Бројката на наши граѓани во странство е многу поголема, но пописот покажа дека насекаде нè има. Најголем дел од попишаните се во Германија и во Швајцарија, некаде има по еден, двајца или тројца Македонци, а во некои далечни земји живеат и по 50 наши државјани. Жално е тоа што во Австралија бројката на попишани нашинци е мала, а иста е состојбата и во Канада, Нов Зеланд, како и во земјите во регионот и во соседството. Тоа што сега може да се забележи е дека бројот на попишани македонски државјани се зголеми во САД, каде што живеат многу луѓе од Македонија. Исто така, сметам дека и во Јужноафриканската Република има многу поголем број граѓани од попишаните – објаснува Герасимовски.
Во Австралија се попишале 3.171, во Канада 1.874, а во Нов Зеланд само 196 македонски државјани. Во Австрија се попишале 11.758, во Белгија 4.845, во Германија 46.590, во Данска 4.317, во Италија 28.476, во Турција 2.388, во Швајцарија 65.064 нашинци.
Електронскиот попис покажа дека во секоја земја во Африка живее барем еден Македонец.
Над 200 македонски државјани живеат во Африка. По држави, во Мали има 43, во Египет – 23, во Гана – 16, во Судан – 15, во Танзанија – 6, во Нигер – 2. Двајца Македонци живеат во Либиска Арапска Џамахирија, тројца во Јужен Судан, шестмина во Танзанија, двајца во Нигер, 16 во Палестина. Македонци има и во Северна Кореја и тоа 14. Петмина Македонци живеат во Чиле, еден на Шри Ланка, еден на Филипини, четворица во Тајван, тројца на Сејшелите.