МОЖЕ ДА СЕ СЛИКАТЕ СО „СЕВЕРНА“ Тоа нема врска со истекот на важноста на пасошите, ама после 12 февруари 2024 важат само новите лични документи

12 август е точно 6 месеци пред да престане важноста на старите документи. За патување и одмор некои од најпопуларните дестинации за нашите граѓани - Турција и Египет, на пример - потребно е пасошот да има важност подолга од 6 месеци од истекот на рокот.  За повеќето од земји од ЕУ, пасошите треба да бидат со рок на важност поголем од 3 месеци пред истекот. Дали рокот 12 февруари менува нешто? Дали тој рок се смета и за рок на важност на пасошите чија важност, без таа промена на името, би престанала подоцна? Одговорот е - не!

14,327

Македонците може слободно да патуваат и без никакви временски ограничувања со сегашните лични карти и пасоши до 12 февруари 2024 година. Но, по овој датум, доколку го немаат името Република Северна Македонија во личните исправи, тие повеќе нема да важат и затоа нема да може да ја напуштат државата.

Промената на личните документи со новото име на државата Република Северна Македонија, предизвика голема недоумица кај граѓаните, кои својот одмор го планираат во втората половина на август или во септември. Имено, 12 август е точно 6 месеци пред да престане важноста на старите документи. За патување и одмор некои од најпопуларните дестинации за нашите граѓани – Турција и Египет, на пример – потребно е пасошот да има важност подолга од 6 месеци од истекот на рокот.  За повеќето од земји од ЕУ, пасошите треба да бидат со рок на важност поголем од 3 месеци пред истекот. Дали рокот 12 февруари менува нешто? Дали тој рок се смета и за рок на важност на пасошите чија важност, без таа промена на името, би престанала подоцна?






Одговорот е – не!

– Со сопругот и децата веќе имаме уплатено седум дена во Анталија од 5 септември, но мојот пасош и децата се со старото име на државата, па не знаеме дали ќе можеме да отидеме на летување, бидејќи од агенцијата ни посочија дека важноста на документот треба да биде 6 месеци. И покрај тоа што уплативме, не знаеме дали ќе нѐ вратат на граница, затоа што 12 август е точно 6 месеци пред да бидат укинати личните документи со старото име на државата. Досега не сретнавме никаква информација во врска овој термин, а и во агенцијата не беа сигурни да ни одговорат дали ќе можеме да патуваме – ни објасни Симона Трајковска од Скопје.

Плусинфо постави вакво прашање до Министерството за внатрешни работи. Од таму ни одговорија дека нема причини за загриженост.

– Издадените лични карти, патни исправи и возачки дозволи кои го содржат натписот „Република Македонија” ќе важат најдоцна до 12 февруари 2024 година, поради потребата за усогласување со уставните измени. Старите документи после 12.02.2024 година нема да имаат важност, без разлика кога истекуваат. Имено, со стара патна исправа нема да може да се преминува граница, со стара лична карта нема да може да се преминува граница ниту пак ќе биде прифатена како документ во институциите и со стара возачка дозвола нема да може да се управува моторно возило – ни одговорија од МВР.

Граѓаните чекаа „5 до 12“ за да ги променат личните документи, па поради зголемениот обем на работа тие се жалат дека ретко можат добијат слободна линија за да си закажат за сликање, а доколку имаат среќа, од сега термини се делат дури за октомври.

– Министерството за внатрешни работи ве известува дека не постои застој во нормалното функционирање – ниту на економскиот оператор којшто за сметка на МВР го сервисира повикувачкиот центар, односно неговите 12 повикувачки линии, ниту пак во организациските единици при Одделот за граѓански работи, кои што на дневна основа примаат повеќе стотици апликации од граѓани за различните видови лични документи – велат од МВР за Плусинфо.

Оттаму додаваат дека факт е дека во овој летен период се зголемува обемот на барања за вадење на лични документи.

– На состојбата дополнително влијае и назначениот рок за замена на старите лични документи кои го содржат името Република Македонија, со нови со името на државата Република Северна Македонија, рок кој што истекува во февруари (12.02.2024), до кога согласно законските прописи мора да се променат личните документи (пасоши, лични карти, возачки дозволи) без оглед на роковите на нивна важност. Секој граѓанин може да закаже термин телефонски или електронски, а МВР максимално искористувајќи ги сите капацитети, работејќи и за викенди и за празници, ги презема сите мерки за граѓаните навремено да ги добијат своите документи – посочуваат од Министерството.

Само за потсетување: до 12 февруари 2024 година, граѓаните имаат законска обврска да ги сменат сите лични документи на кои наместо досегашното име Република Македонија, треба да стои новото име, кое произлегува од Преспанскиот договор со Грција, Република Северна Македонија. Тоа значи дека граѓаните, кои до сега тоа не го сториле, ќе мора да сменат лична карта, пасош, возачка дозвола, сообраќајна дозвола, но и регистарски таблички. Дополнително, ќе треба да сменат и активни договори со претпријатија за јавни паркиралишта, бидејќи старите повеќе нема да им важат.

Колку чини замена на личните документите?

Ова се сумите потребни за изработка или замена на личните документи, кај кои може да забележиме зголемување на цените на услугаите.

  • Замена на лична карта – 310 денари;
  • Возачка дозвола во редовна постапка – 410 денари за образецот, 170 денари административна такса,  вкупно 580 денари;
  • Возачка дозвола во редовна постапка, кога дозволата не е важечка  – 280 денари за образецот, 170 денари административна такса, вкупно 450 денари;
  • Возачка дозвола во итна постапка – 1.230 денари за образецот, 170 денари административна такса,  вкупно 1.400;
  • Сообраќајна дозвола – 200 денари за образецот, 110 денари административна такса, вкупно 250 денари;
  • Регистарски таблици за моторно возило – 1.200 денари за образецот, 50 денари административна такса, вкупно 1.250 денари,
  • Пасош за деца до 4 години – 1.500 денари за образецот, 100 денари административна такса,  вкупно 1.600 денари;
  • Пасош за деца до 4 по итна постапка – 6.100 денари за образецот, 100 денари административна такса, вкупно 6.200 денари;
  • Пасош за лица од 4 до 18 години – 1.500 денари за образецот, 200 денари административна такса, вкупно 1.700 денари;
  • Пасош за лица од 4 до 18 години по итна постапка – 6.100 денари за образецот, 300 денари административна такса, вкупно 6.400 денари;
  • Пасош за лица од 18 до 27 години – 1.500 денари за образецот, 200 денари административна такса, вкупно 1.700 денари;
  • Пасош за лица од 18 до 27 години по итна постапка – 6.100 денари за образецот, 300 денари административна такса, вкупно 6.400 денари;
  • Пасош за лица над 27 години – 2.000 денари за образецот, 300 денари административна такса, вкупно 2.300 денари;
  • Пасош за лица над 27 години по итна постапка – 6.100 денари за образецот, 300 денари административна такса, вкупно 6.400 денари.
Поврзани содржини