МОЖЕ ДА ИМ ВЕРУВАТЕ НА БАНКИТЕ Народна банка оцени дека финансискиот сектор е отпорен на шокови

Комитетот за финансиска стабилност оценува дека остварувањата на корпоративниот сектор во 2022 година биле солидни, пришто речиси сите дејности ги зголемиле приходите од работењето и ја подобрија профитабилноста.

57

Домашниот финансиски сектор добро се справи со глобалните предизвици и уште еднаш покажа дека е отпорен на шокови и има капацитет за справување со кризи, се заклучува во Извештајот за финансиска стабилност за 2022 година на Комитетот за финансиска стабилност на Народната банка.

Комитетот, во соопштението, нагласува дека финансиската стабилност е успешно одржана и покрај сложените услови на работење на финансискиот систем.Резултатите од стрес-тестирањето и посебните оценки и симулации за изложеноста на  ризикот од промена на каматните стапки содржани во Извештајот укажуваат дека домашниот финансиски систем има капацитет за справување со шокови од позначаен интензитет.






„Вкупните средства на финансискиот систем продолжија да растат и во 2022 година но со побавни стапки на раст. Вкупниот кредитен раст изнесуваше 9,4%, со што се обезбеди солидна кредитна поддршка и на корпоративниот сектор која забележа раст од 11,5% и на населението со раст за 7.3%. Овие стапки на кредитен раст се значајно повисоки од ЕУ каде тие изнесуваа 4,8%, 6,4% и 3,8% соодветно“, се наведува во соопштението.

Комитетот оценува дека остварувањата на корпоративниот сектор во 2022 година биле солидни, пришто речиси сите дејности ги зголемиле приходите од работењето и ја подобрија профитабилноста.

„Профитабилноста на корпоративниот сектор порасна за 19,8%, по раст од 32,1% во 2021 година“, се додава во соопштението.

Показателите за конкурентноста исто така укажуваат на подобрена продуктивност на корпоративниот сектор која расте и тоа забрзано втора година по ред.

Сепак, Комитетот оценува дека неизвесното макроекономско окружување може да биде извор на ранливости за финансискиот сектор.

„Оттука, и натаму приоритетно е постојаното јакнење на отпорноста на банкарскиот и финансискиот сектор во целина, а во таа насока е и макропрудентниот мандат на финансиските регулатори обезбеден со новиот Закон за финансиска стабилност и макропрудентните мерки кои може да се преземат“, се вели во соопштението.

 

 

 

Поврзани содржини