МОЖЕ ДА ИМ СЕ ВЕРУВА НА ДОМАШНИТЕ БАНКИ Народна банка даде висока оценка за нивната ликвидност и кредитното портфолио
Според Народна банка, стапката на адекватност на капиталот достигна ниво од 18,9%, коешто е највисоко анализирано од 2006 година наваму.
Банкарскиот сектор ја задржа својата стабилност и сигурност во работењето, со подобрена солвентност, одржана ликвидност и добар квалитет на кредитното портфолио, оценува Советот на Народната банка
Според Народна банка, стапката на адекватност на капиталот достигна ниво од 18,9%, коешто е највисоко анализирано од 2006 година наваму.
„Подобрувањето на показателот произлегува од растот на сопствените средства на банките, најмногу поради реинвестирањето на добивките од минатата година“, наведуваат од НБ.
Ликвидноста на банките се задржа на вообичаените задоволителни нивоа. Стапката на покриеност со ликвидност на банкарскиот систем изнесува 279,1%, што е значително повеќе од регулаторниот минимум (100%) и го потврдува задоволителниот обем на ликвидност со кој располага македонскиот банкарски систем.
Во првиот квартал од 2024 година, се наведува во соопштението, квалитетот на кредитното портфолио на банките се задржа, и покрај тоа што дел од показателите за изложеноста на кредитниот ризик забележаа зголемување, што се должи на методолошките промени коишто се воведоа од почетокот на годината, со примената на новата Одлука за методологијата за управување со кредитниот ризик.
Во услови на подобрена солвентност, заедно со традиционално солидната ликвидност, билансите на банките продолжија солидно да растат.
Депозитите од нефинансиските субјекти остварија солиден годишен раст од 9,1%, со забележителни поволни поместувања во рочните и валутните склоности на депонентите, при што долгорочните депозити го забрзаа годишниот раст на 28,3%, а депозитите во денари растеа двојно побрзо од девизните депозити. Кредитната активност на банките забележа годишен раст од 6,2%, кој што беше присутен кај кредитите и кон домаќинствата и кон претпријатијата.