МОЖАТ ДА ДУВААТ И ДРУГИ ВЕТРОВИ ОД СОФИЈА КОН СКОПЈЕ Кирил Петков од „Промената продолжува“ е за сегашноста и иднината не за минатото

Бугарскиот политичар вели дека треба да ја смениме парадигмата во нашите односи и да видиме кои се заедничките економски работи што можат да ги направат двете земји.

975

Бараме нов пристап за решавање на проблемот меѓу Скопје и Софија, изјави за МИА копретседавач на бугарската коалиција „Промената продолжува“ и поранешен министер за економија на Бугарија, Кирил Петков.

– На Балканот живеат 65 милиони луѓе и кога би можеле да имате единствен пазар, слободна трговија, инфраструктурни врски и да летаме од Скопје до Софија за 40 минути, сите ќе живеат подобро. Балканизацијата и поделбите во регионот, не спречија да работиме на поголемата цел да бидеме подобри – вели Петков.






Тој нагласува дека пред неколку месеци на средба со заменик-министерот за економија на земјава се договориле да разговараат за заедничката трговија, како и за тоа кои се бугарските и македонските добавувачи на стоки и услуги и кои се клиентите во Бугарија и С Македонија.

– Видовме дека Софија и Скопје имаат многу можности за заедничка корист. Проблемите ги запреа таквите можности, од кои двете земји можат да имаат корист и да напредуваат. Бугарија и С Македонија мора да работат заедно и тоа мора да се направи со работни групи, кои мора да бидат составени не само од историчари, туку и од луѓе од бизнисот, науката и културата, за да можат да зборуваат за она од што сите ќе имаат корист, а не за она од што едната или другата страна потенцијално би можела да загуби – вели Петков.

Според него, тоа треба да се прави во еден континуиран процес, кој нема да се случува еднаш на четири месеци, туку секој месец со конкретни резултати, за да може Бугарија да увиди која е темата за која СМакедонија е најмногу заинтересирана.

Петков оценува и дека во моментов никој ниту во Бугарија, ниту во С Македонија, нема корист од тоа што меѓу двете земји нема најдобри меѓусоседски односи.

– Треба да ја смениме парадигмата во нашите односи и да видиме кои се заедничките економски работи што можат да ги направат двете земји. Како на пример, зошто нема авиокомпанија што лета од Софија до Скопје. Тоа треба да биде темата – додава Петков.

Според Петков, доколку историчарите од заедничката комисија за историски и образовни прашања имаат јасен мандат, се среќаваат еднаш месечно и постигнат резултати, многу побрзо ќе се надминат работите што го оневозможуваат чекор што го посакува С Македонија – старт на преговорите со ЕУ.

– Тоа се прави со работа, а не со сакам – не сакам. Од двете страни треба да си подадеме рака, да бидеме добри соседи и да почнеме да зборуваме за сите позитивни работи што можеме да ги добиеме, како и за сите работи што треба да се расчистат меѓу нас. Не е добро проблемите да бидат ставени под тепих. Проблемите мора да се решат – истакна Петков.

Петков нагласува дека нивната коалиција не се плаши од никого и тоа го сакаат бугарските граѓани.

– Слоганот на коалицијата „Промената продолжува“ е „Нам не ни е страв“ – вели Петков.

Петков истакна дека има многу блиски пријатели во земјава кои му велеле дека луѓето од двете страни на границата имаат симпатии едни кон други, но дека некои политичари ја „замешале работата“.

– Овој пат, ако зависи од бугарската страна, политичарите нема да бидат проблем – нагласува Петков.

Според анкетите на јавното мислење во пресрет на утрешните парламентарни избори во Бугарија, коалицијата Промената продолжува на Василев и Петков може да се надева на меѓу 15 до 17 отсто од гласовите и би можела да стане втора политичка сила во земјата, веднаш по партијата Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) на поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов.

Анкетите покажуваат дека ГЕРБ би можела да се надева на меѓу 24 и 26 отсто од гласовите, пред „Промената продолжува“ со меѓу 15 до 17 отсто и Бугарската социјалистичка партија (БСП), која има рејтинг меѓу 15 и 16 отсто.

Поврзани содржини