МОТОРЏИИТЕ НА УДАР НА СКОПСКАТА ПОЛИЦИЈА Казни за 91 возач, одземени неколку мотоцикли

Засилена сообраќајна контрола во четири скопски општини резултираше со десетици казни, кривични пријави и одземени мотоцикли.

795

Дури 91 сообраќаен прекршок биле констатирани вчера во засилена полициска акција во неколку скопски општини. Контролите се спроведувале во Центар, Аеродром, Бит Пазар и Чаир, каде на удар биле возачите на мотоцикли, велосипеди со помошен мотор, трицикли и четирицикли.

Од вкупниот број санкции, седум се кривични пријави за безобѕирно управување со моторно возило. Во шест случаи станува збор за возење без возачка дозвола, а во еден за управување под дејство на алкохол со над 1,50 промили. Три од кривичните пријави се поднесени против малолетници.






Полицијата изрекла и 17 мерки за управување возило во несоодветна категорија, како и 13 санкции за возачи на велосипеди со помошен мотор кои немале соодветна потврда. Најголем дел од прекршоците – дури 43 – се однесуваат на возење без заштитна кацига.

Дополнително, санкционирани биле три нерегистрирани мотоцикли, еден возач бил казнет за возење под дејство на алкохол, а уште седум мерки биле изречени за други прекршоци.

Во текот на акцијата бил одземен еден мотоцикл поради безобѕирно управување, а привремено биле одземени уште два мотоцикли кои биле нерегистрирани подолго од шест месеци.

Од полицијата најавуваат дека ваквите засилени контроли ќе продолжат и во наредниот период со цел зголемување на безбедноста на улиците.

Поврзани содржини