МОТ: Пандемијата со ковид-19 покажа дека половина од светската популација нема социјално осигурување

Во светот само 20 отсто од невработените луѓе се опфатени со надоместоци во случај на невработеност, а во определени региони овој опфат е многу помал.

214

Повеќе од половина од населениеето во светот, односно четири милијарди луѓе, не се опфатени со социјално осигурување или социјална помош. Во светот само 20 отсто од невработените луѓе се опфатени со надоместоци во случај на невработеност, а во определени региони овој опфат е многу помал.

Ова го покажува анализата направена од  Меѓународната организација на трудот (МОТ) во која детално ја разгледуваат улогата на мерките за социјална заштита во справувањето со пандемијата на  ковид-19 во земјите во развој, вклучувајќи го обезбедувањето на надоместоци во случај на болест за време на кризата.






Во неа се констатира дека кризата од ковид-19 покажа дека недостигот на социјална заштита не ги погодува само сиромашните, туку ја разоткрива и ранливоста на оние што имале релативно добри примања, бидејќи болничките трошоци и губењето на приходите може лесно да уништат децении семејна работа и заштеди.

– Иако вирусот не разликува богати и сиромашни, неговите последици се многу нерамномерни бидејќи можноста за пристап до квалитетна здравствена заштита по достапни цени стана „прашање на живот или смрт“ – се вели во анализата.

Според МОТ, анализата покажала дека здравствената криза од ковид-19  истакнала два основни негативни ефекти во опфатот со надоместокот во случај на болест.

Како прво,  јазовите во заштитата може да ги принуди луѓето да одат на работа кога се болни или би требало да бидат во самоизолација, на тој начин зголемувајќи го ризикот за заразување други луѓе. Како второ, поврзаната загуба на приходите го зголемува ризикот од сиромаштија за работниците и нивните семејства, што може да има долготрајни последици.

Од МОТ повикуваат на преземање итни, краткорочни мерки за премостување на јазот во опфатот и соодветноста на надоместокот во случај на болест, нагласувајќи дека ова би довело до трикратни придобивки: поддршка за јавното здравје, спречување на сиромаштијата и унапредување на човековите права на здравствена и социјална сигурност.

Предложените мерки да вклучуваат проширување на опфатот на надоместокот во случај на болест за сите. Останатите препораки вклучуваат зголемување на нивото на надоместокот за да се осигури дека тој обезбедува сигурност на приходите, забрзување на обезбедувањето на надоместокот и проширување на опфатот на надоместоците за вклучување на мерките за превенција, дијагноза и третман, како и времето поминато во карантин или за грижа за болни издржувани лица.

Од МОТ наведуваат и дека заздравувањето ќе биде одржливо и идните кризи ќе бидат спречени единствено, ако  земјите ги трансформираат своите ад хок мерки за одговор на кризата во сеопфатни системи за социјална заштита.

„Примерите од целиот свет повторно јасно покажуваат дека земјите со робусни и сеопфатни системи за социјална заштита се во многу подобра положба да одговорат на и заздрават од некоја криза. Креаторите на политиките треба да го искористат стимулот создаден од сѐ поголемата јавна свест за важноста на социјалната заштита и итната потреба за вложување во социјалната заштита од страна на општеството, со цел да се осигури подготвеност за идните кризи“, се вели во анализата.

Поврзани содржини