МОСКВА ЗАГРИЖЕНА ДЕКА СЕ ПОТТИКНУВА ВЕШТАЧКА ХИСТЕРИЈА ОКОЛУ ГРЕНЛАНД Се трупа војска под изговор од растечки закани од Москва и од Пекинг

„Наместо конструктивна работа во рамките на постојните институции, особено Арктичкиот совет, НАТО го избра патот на забрзана милитаризација на Северот и го зајакнува своето воено присуство под измислениот изговор на растечката закана од Москва и од Пекинг“, соопшти руската амбасада во Брисел.

976

Руската дипломатија изрази сериозна загриженост денеска поради најавата на НАТО за дополнителни трупи во Гренланд по состанокот на данските, гренландските и на американските лидери во Белата куќа.

„Наместо конструктивна работа во рамките на постојните институции, особено Арктичкиот совет, НАТО го избра патот на забрзана милитаризација на Северот и го зајакнува своето воено присуство под измислениот изговор на растечката закана од Москва и од Пекинг. Изјавите на Вашингтон за Гренланд се користат од страна на Алијансата исклучиво за промоција на својата антируска и антикинеска агенда“, соопшти руската амбасада во Брисел, додавајќи дека ја осудува „агресивната реторика“.






Русија потсетува дека западните дипломати со пристап до разузнавачките извештаи на НАТО цитирани во медиумите признале дека во последните години не се забележани руски или кинески подморници во близина на Гренланд.

– Ова ја открива вештачката хистерија што се поттикнува – се вели во соопштението.

Сепак, во соопштението не се критикува американскиот претседател Доналд Трамп по име во време кога тој останува клучен соговорник на Москва во напорите за постигнување мировен договор во Украина.

Наместо тоа, Москва го фокусира својот оган врз НАТО како институција и неговите европски земји членки, кои исто така ги обвинува за блокирање на мировните напори во Украина.

„Веруваме дека политиката на Алијансата за ескалација на конфликтот на Арктикот е контрапродуктивна и исклучително опасна. Арктикот мора да остане територија на мир, дијалог и фер соработка“, се наведува во соопштението.

Војници од неколку членки на НАТО ќе учествуваат во воени вежби во Гренланд во наредните денови, потврди заменик-премиерот на Гренланд вчера по состанокот во Белата куќа меѓу данските, гренландските и американските лидери.

– Се очекува зголемување на бројот на воени летови и бродови – изјави Муте Егеде на прес-конференција осврнувајќи се на вежбите.

Франција, Шведска, Германија, Велика Британија и Норвешка вчера објавија дека ќе распоредат воен персонал во арктичкиот регион за извидувачка мисија, која, како што рече извор во француското Министерство за вооружени сили, е дел од данската вежба „Арктичка издржливост“.

Белгиски војници засега нема да бидат испратени на Гренланд, соопшти денеска Министерството за одбрана на Белгија по најавата за почеток на Европската воена мисија на овој дански остров.

„Досега не сме добиле никакви барања за учество од НАТО, ЕУ или билатерално“, се наведува во соопштението на Министерството за одбрана на Белгија.

Во него се додава дека доколку такво барање сепак биде упатено до Белгија, Министерството за одбрана, заедно со Владата, ќе „испита што може да направи“.

Поврзани содржини