Москва не го пушта отруениот Навални во Берлин, за 2 дена отровот ќе исчезне без трага?!

Сопругата на Навални, Јулија, која долета во Омск, смета дека властите ја одолговлекуваат неговата евакуација во Германија за да добијат во време и да остават можност отровот да исчезне од неговото тело.

1,985

Мистеријата за труењето на критичарот на Путин, Алексеј Навални, се продлабочи денеска откако неговите помошници изјавија дека полициски службеник тврдел дека лекарите ја идентификувале смртоносната супстанца не само кај Навални, туку и кај луѓето околу него, пишува Индепендент.

Иван Жданов, шеф на антикорупциската фондација на Навални, рекол дека полицајката одбила да каже за кој отров станува збор.






– Полицајката рече дека сите работеле во заштитни костими, но не кажа за која супстанца станува збор и се повика на тајноста на истрагата – рече Жданов.

Сопругата на Навални, Јулија, која долета во Омск, смета дека властите ја одолговлекуваат неговата евакуација во Германија за да добијат во време и да остават можност отровот да исчезне од неговото тело.

Навални, рускиот најпознат опоциски лидер, се разболе сериозно вчера утро 40 минути по полетувањето од Томск, Сибир, кон Москва. Авионот слета итно во Омск. Навални бил во несвест кога слетал авионот и веднаш однесен на интензивна нега во критична состојба, сега се наоѓа во кома и е приклучен на респиратор.

Шефовите на Германија и на Франција, Ангела Меркел и Емануел Макрон, понудија помош да се донесе Навални на лекување во Европа. Тимот на Навални смета дека тоа е најдобро за неговото заздравување и за идентификување на отровот.

Болничкиот хеликоптер што слета утрово во Сибир да го пренесе Навални во Берлин, се врати откако од болницата рекле дека неговата состојба не е стабилна за безбедно да се евакуира.

Александар Мураковски, главен доктор во болницата во Омск, изјави дека лекарите утврдуваат помеѓу пет можни дијагнози. Рече дека нема потрба од странска експертиза, зашто специјалистите од Москва „не се лоши“. Резултатите од тестовите кои ќе стасаат за два дена ќе дадат повеќе информации, додаде Мураковски.

Соработниците на Навални велат дека однесувањето на лекарот им било сомнително.

– Два дена. Тоа веројатно е точниот одговор на прашањето колку време е потребно отровот да исчезне од неговото тело без трага – рече Кира Јармиш, портпаролка на Навални.

 

Поврзани содржини