МОСКВА НЕ ПОПУШТА ПОД ЗАКАНИ Русија жестоко одговори на ултиматумот на Трамп
Русија остро одговори на ултиматумот на американскиот претседател Доналд Трамп за прекин на огнот во Украина. Москва порачува дека нема да отстапи под притисоци и најави подготвеност за нова рунда преговори во Истанбул.
Москва нема намера да попушти под надворешни закани, соопшти денеска руското Министерство за надворешни работи, откако американскиот претседател Доналд Трамп ѝ постави рок од 50 дена да постигне прекин на огнот во Украина и најави нови санкции доколку тоа не се случи.
Во изјава што ја даде во понеделникот, Трамп го презентираше досега најцврстиот став на Вашингтон во однос на војната, ветувајќи дополнителна воена поддршка за Киев, вклучувајќи ракети и модерно оружје.
Портпаролката на руското МНР, Марија Захарова, изјави дека новите испораки на американско оружје се „директен сигнал до Киев да продолжи со крвопролевањето“ и да ги игнорира мировните иницијативи.
– Руската делегација е подготвена да пристигне во Истанбул за трета рунда разговори, но досега не гледаме никакви знаци од Киев дека е подготвен за преговори – изјави Захарова.
Таа додаде дека е контрапродуктивно да се „мерат во милиметри“ разликите меѓу ставовите на Белата куќа, алудирајќи на недоследностите во американската политика во однос на конфликтот.