МОСКВА ДА ГИ ТРГНЕ РАЦЕТЕ ОД ТУРСКИТЕ ИЗБОРИ! Противниците обвинуваат дека Русија води валкана пропаганда во корист на Ердоган
„Почитувани руски пријатели. Вие стоите зад монтажите, заговорите, дип-фејковите и снимките што беа откриени вчера. Ако го сакате нашето пријателство по 15 мај, тргнете ги рацете од турската држава“ – напиша Киличдароглу.
Кемал Киличдароглу, главниот изборен противник на турскиот претседател Таип Ердоган, ја обвини Русија за објавување лажен материјал на социјалните мрежи воочи изборите во недела. Киличдароглу, кој според анкетите на изборите има мала предност пред долгогодишниот претседател Ердоган, не прецизираше за каков материјал станува збор.
Лидерот на најголемата опозициска партија во Турција ја обвини Москва за ширење заговори и ја предупреди да не се меша во внатрешните работите на Турција, пренесува РТ.
Во Турција в недела, 14 мај, ќе се одржат и претседателски и парламентарни избори.
Третиот претседателски кандидат, Мухарем Инџе, се повлече од трката во четвртокот, велејќи дека бил цел на клеветничка кампања, вклучувајќи лажни видеа и документи кои кружеле на социјалните мрежи.
Според турските медиуми, Инџе ја објавил својата одлука откога на интернет се појави видео на кое наводно се гледа дека тој има вонбрачна врска и се вози во скапи автомобили.
„Ова е дело на ѓуленистичката терористичка група“, рече Инџе алудирајќи на поддржувачите на прогонетиот Фетула Ѓулен, кој живее во САД.
Во објава на турски и руски јазик на „Твитер“ во четвртокот, Киличдароглу, лидер на Републиканската народна партија (ЦХП), напиша:
„Почитувани руски пријатели. Вие стоите зад монтажите, заговорите, дип-фејковите и снимките што беа откриени вчера. Ако го сакате нашето пријателство по 15 мај, тргнете ги рацете од турската држава“.
Не давајќи повеќе детали за обвинувањата, тој додаде дека сè уште се залага за соработка и пријателство со Русија.
Сега во трката за претседателската функција останаа Ердоган, Киличдароглу и Синан Оган. Анкетите на јавното мислење покажуваат дека актуелниот турски претседател е зад Киличдароглу за пет процентни поени.
Засега нема коментар од руските власти во врска со ова. Москва и Анкара имаат блиски врски и Русија е најголемиот снабдувач со енергија на Турција. Претседателот Владимир Путин и Ердоган често разговараат за различни прашања, од енергија до војните во Украина и Сирија.
Коментирајќи ги претстојните избори во Турција, рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, минатиот месец истакна дека Москва никогаш не се меша во внатрешните работи на други земји.