Морничава исповед на Бритни Спирс: Сакав да забременам, татко ми не ми дозволи да ја отстранам спиралата
Пејачката Бритни Спирс првпат во последните две години директно му се обрати на судот во случајот на контроверзното старателство.
Имено, Бритни е под конзерваторски надзор во последните 13 години, што ја спречува да донесува големи одлуки во сопствениот живот (и личниот и финансискиот).
Пејачката првично изјави пред судот дека „не е тука за да биде нечија робинка“. Таа додала дека додека настапувала „не била добра, била одлична“, според Би-би-си.
Потоа се осврнала на старателството според кое, со нејзиниот имот и живот последните 13 години управува нејзиниот татко Џејми Спирс.
– Толку сум лута што не можам да спијам и сум депресивна. Сакам да ме слушнат… Сакам промени и сакам промените да напредуваат. Заслужувам промени – рекла пејачката.
Спирс јасно стави до знаење дека сака старателството над неа да заврши.
– Само си го сакам својот живот назад, поминаа 13 години и доста е. Доста е и воопшто нема смисла… Готова сум. Сакам да го тужам моето семејство, да бидам целосно искрена – рекла таа .
Спирс додала и дека сака можност да избере свој адвокат.
„Главната причина што сум тука е затоа што сакам да го прекинам старателството без некој да ме оценува.“
Бритни исто така изјавила и дека сака да се омажи за своето момче и да роди дете, но дека тоа не ѝ било дозволено. Таа го обвинила својот татко дека ја спречил во желбата да ја отстрани спиралата за да може да забремени. Таа исто така рекла дека била принудена да зема лек за биполарно нарушување – до тој степен што се чувствувала пијана и не можела да зборува.