МОРЕТО ВО КСАМИЛ И ВО САРАНДА Е ОДЛИЧНО, СÈ ДРУГО Е КАТАСТРОФА Уште малку и ќе почнат да наплаќаат за водухот!
На глобалните туристички платформи странски туристи ги прават „партал“ најпопуларните албански туристички дестинации Ксамил и Саранда, што лошо се одразува врз нивниот рејтинг, пишуваат албански медиуми.
На светските платформи за туризам се објавуваат бројни негативни рецензии и коментари за искуства од летување во албанскиот туристички центар Ксамил, во кои се нагласуваат високите цени и ароганцијата на персоналот, што негативно влијае за албанскиот туризам – пишува албанскиот портал Инфошкип (infoshqip.com).
„Штом стигнавме во хотелот во Ксамил, човекот кој што се претстави како менаџер со груб и страшен тон ни ги објасни правилата на хотелот: Не пуштајте никого во собата, не изнесувајте пешкири надвор од собата, не пушете во просторијата, не носете храна во собата…“ – коментира Лара, Италијанка, која на крајот на јули одмарала во Ксамил и престојувала во еден од хотелите во околината.
„Откако излеговме со другарка ми на прошетка, се вративме ноќта во собата, се истуширавме и запаливме цигара на балконот. Тогаш некој почна да тропа на нашата врата и речиси ја искрши. Се исплашивме и воошто не отворивме, но утрото ни објаснија дека по полноќ не смеело да се вклучува ниту светло, ниту телевизор. Во сите овие години патување, првпат доживувам вакво нешто и ми остави впечаток дека сум влегла во затвор“ – пишува Лара за своето искуство.
Промовиран и рекламиран како вистински приморски рај, Ксамил оваа година стана епицентар на албанскиот туризам, но се чини дека бизнисот не е во состојба да ја издржи оваа побарувачка, оставајќи најнегативни впечатоци – пишува порталот Монитор.
Ксамил е и најкритикуваното место во коментарите на странските туристи кои годинава одлучиле да летуваат во Албанија.
На глобалната платформа за оценување туристички искуства Трипадвајзор ( Tripadvisor) рангирањето на Ксамил, по многуте негативни туристички критики, значително се намали. Од оценка 3,5, на почетокот на сезоната во мај, дојде на 2,5 на крајот на јули, и сега таа е намалена на 2. На оваа платформа максималното ниво на рејтинг е 5, а минималното е 1. Оваа оценка ќесто се зема како како референца од многу туристи пред да одлучат каде ќе патуваат, каде ќе се сместат или каде ќе јадат.
Битката на форумите и социјалните мрежи за оваа дестинација е жестока, а коментарите што може да ги најдете се најекстремните можни.
Призл, коментатор на форумот во Трипадвајзор на почетокот на август прашува дали би било подобро да патува за Ксамил и Саранда или да ја смени дестинацијата на Крф.
„Првично, многу пребарував на интернет, читав многу коментари, и имав намера да поминам неколку дена во Ксамил и Саранда. Јас сум самица, и сега со ова што го читам, веќе не сум сигурна дали да одам во Албанија или подобро да отпатувам на Крф и да резервирам таму, бидејќи имам лет до таму“, вели таа.
Одговорите на другите коментатори се мешани. Кандела Г. од Аргентина искоментирала дека неодамна била во Ксамил и нејзиното искуство е едно од најубавите. Според неа, плажите се фасцинантни и „верувајте ми, сум го посетила и југот на Франција, Грција и Пуља“, вели таа. Што се однесува до цените, вели „не ги гледајте како навредливи“.
„Покрај неверојатното море, сè друго е многу лошо. Не трошете го вашето време доаѓајќи овде. Наскоро ќе ве тераат да платите и за воздухот. Тоа се жестоки трговци“ – вели друг коментар, во кој е приложена и сметка од ресторан. Таму подвлекува дека чинија пржени компири го чинела 4,5 евра, а кечап посебно, 2 евра.
Друг корисник „Dreamer116“, во коментар од 23 јули, го сумира својот коментар под насловот „Скап, валкан и полн со измамници“.
„Не им верувајте на видеата на интернет. Иако становите се евтини, ќе потрошите луда сума на пари на „ресторани“ (всушност, скара за брза храна со низок квалитет). Скоро сите овде ќе се обидат да ве измамат, особено трговците и таксистите. Последниве доаѓаат кај луѓето на автобуската станица, кажувајќи им на туристите дека автобусот е откажан, за да можат да ви наплатат повеќе од 30 евра за 15-20 минути возење. Плажите се преполни и ако не платите 25 евра за лежалка ќе ве посетат чувари, иако ниту една плажа не е приватна“.
Други туристи сугерираат дека делот над Ксамил и Саранда е подобар, бидејќи имате можност да не плаќате лежалки и да го раширите пешкирот на слободните делови од плажата. Во Ксамил тоа според нив не е можно, поради густината на лежалките. Има и такви кои се жалат дека лежалка на плажите околу Саранда чини 2.000 леки (18-19 евра), додека во Ксамил е 40 или 100 евра! Според нив, ова го надминува буџетскиот план дури и на тие со длабок џеб.
Германски турист повика на саботажа на Албанија.
„Не доаѓајте овде, да видиме до кога ќе издржат без туристи“, вели тој на форумот за Ксамил.
Албанија ја доживува најдобрата историска година на туризам досега. Мнозинството странци велат дека ниските трошоци се тоа што ги привлекува во Албанија. Некои се навистина изненадени од цените, но има и такви кои очекуваале многу пониски цени. Битката на социјалните мрежи и форуми е важна за Албанија, а особено за Ксамил и Саранда, кои се главни дестинации оваа сезона, тие ќе бидат ориентационен компас за оние кои сакаат да ја посетат земјата следната година. Затоа, од овој куп коментари, останува да се извлечат лекции за Албанија и за операторите, за да го искористат овој добар момент и овој тек на критики да го претворат во мерки за подобрување на услугите, пишува порталот Инфошкип.