МОРЕ КАКОВ ЛИСЕЦ, ФУНКЦИОНЕРСКИТЕ ПЛАТИ ДО НЕБО, А РАБОТНИЧКИТЕ ПЛАТИ ПОД МРАЗ! Фатмир Бесими најави замрзнување, синдикалците вџашени
„Ако Владата мисли дека работниците ќе стојат со скрстени раце, се лаже. Со најавата на министерот за финансии Фатмир Бесими дека вработените во јавниот сектор нема да добијат зголемување на платите оваа година, паѓа во вода сето она што се договара и преговара во економско-социјалниот совет и во Владата за усогласување на платите, или за линеарно зголемување во текот на оваа година“, се заканува претседателот на синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски.
Замрзнувањето на платите на вработените во јавниот сектор до крајот на годината, што го најави министерот за финансии Фатмир Бесими, во време кога платите на функционерите во тој сектор пораснаа за 78 отсто, е навреда за вработените и потценување на нивната интелигенција, велат синдикатите и експертите.
Според нив, паднаа маските на владата дека сака да потпише општ колективен договор за јавниот сектор и да ги усогласи платите на вработените со висината на минималната плата. Сето тоа било маска за зголемување на платите на функционерите. Синдикатите подготвуваат остар одговор на ваквото однесување на владата.
Претседателот на синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски, вели дека не очекувале вакво однесување на влада која се декларира за социјалдемократска и промовира солидарни вредности. Тој алармира дека во министерствата, судовите и во обвинителствата се прават малверзации, за да се обезбедат пари за зголемување на платите на избраните лица. Во дел од нив веќе се укинуваат надоместоците и додатоците за плати на останатите вработени.
– Во одделни министерства, судови, јавни обвинителства и јавни институции, за да се обезбедат парите за повисоките плати на функционерите, судиите, обвинителите или за раководителите, се доцни со исплата на платите. На вработените им е кажано дека нема да има исплата на надоместоци и додатоци на плата ниту унапредувања, само да се исполни задачата за покачувањето од 78 отсто на платите на раководниот кадар. Фактички тоа значи дека покрај замрзнувањето на платата, што ја најави министерот за финансии, се укинуваат и надоместоците и додатоците на плата. Работниците, поради платите на нивните раководители, до следната година треба да се простат од надоместоците за плати – вели Деаноски.
Тој додава дека синдикатот нема да толерира вакво однесување и се подготвува за реакција.
– Ако Владата мисли дека работниците ќе стојат со скрстени раце, се лаже. Со најавата на министерот за финансии Фатмир Бесими дека вработените во јавниот сектор нема да добијат зголемување на платите оваа година, паѓа во вода сето она што се договара и преговара во економско-социјалниот совет и во Владата за усогласување на платите, или за линеарно зголемување во текот на оваа година. Ние нема да молчиме. Се консултираме за нашата реакција со членството, а како опции ни остануваат напуштање на преговорите со владата и на учеството во Економско социјалниот совет, а како крајна опција е активирањето на штрајкот во мирување. Постојат и други опции, но тоа ќе зависи од договорот со членството – вели Деаноски.
Реакцијата и на Сојузот на синдикатите е слична. Тие ја оценија изјавата на министерот за финансии како неразумна.
– До кога Владата ќе глуми социјален дијалог, до кога владините претставници ќе зборуваат едно на Економско социјалниот совет, а друго по медиумите и дали некогаш ќе се засрамат за тоа што си ги зголемија платите за 78 отсто во најголемата инфлација, а со ништо не заслужија такво зголемување? Дали имаат барем трошка совест кога говорат дека ако се зголемат платите на работниците, ќе се покачи инфлацијата, додека над 1.100 функционери си ги полнат џебовите? – велат од ССМ.
Професорот по трудово право Лазар Јовевски вели дека ситуацијата со зголемувањето на платите на функционерите и најавата за замрзнување на платите на вработените во јавниот сектор е контроверзна, контрадикторна и на линија „верувале или не“.
– Прво, ако гледаме од правен аспект, зголемувањето на платите на функционерите е покриен со одлуката на Уставниот суд. Но, да не заборавиме дека покрај ова има и морална димензија. Владата овој расчекор на платите можеше да го реши со законски измени со кои би го свела зголемувањето во разумни граници. Тоа не се случи и сега, за да се обезбеди висината на платите на функционерите, се предлага замрзнување на платите на работниците. Сметам дека владата не смее да дозволи да се одлага зголемувањето на платите на другите вработени во јавниот сектор или поточно да не ги замрзнува нивните плати со одлагање на донесувањето на клучниот колективен договор. При тоа не треба да заборави дека најголемиот дел од работниците од најниските категории се на ниво на минимална плата – вели Јовевски.
Тој додава дека владата и преку колективниот договор се обидува да ги изманипулира работниците, бидејќи предлага фиксирање на платите што не е добро.
– Претходно се обиде тоа да го направи и со законот за плати, а сега тоа го прави и со колективниот договор за јавниот сектор – вели професорот.
Синдикатите деновиве преку протести го искажаа незадоволството од платите на вработените во Управата за јавни приходи, во културата и во здравството. Во здравството веќе е најавено зголемување на платата од 3.000 денари, 2.500 и 2.000 денари за сите вработени во јавните здравствени институции. Но, прашање е дали ќе ги добијат овие пари, ако владата ја реализира најавата за замрзнување на платите на вработените во јавниот сектор на сегашното ниво.
Министерот за финансии Бесими пред два дена на брифинг со новинарите изјави дека пред 2024 година не би требало да има зголемување на платите во јавниот сектор.
– Сметам дека сега не е најповолно време за усогласување и зголемување на платите во јавниот сектор, бидејќи ќе има импликации на инфлацијата и препорачува зголемувањето на плати да се имплементира од 2024 година – изјави Бесими.
Тој очекува неговата најава да се поткрепи и со времетраењето на договорите за колективниот договор во јавниот сектор и во Законот за плати во јавниот сектор, кои не очекува да бидат брзо донесени. Според него, платите во јавниот сектор треба да растат ако расте продуктивноста и ако се зголемат платите во реалниот сектор.
И Народната банка вчера препорача претпазливост во однос на зголемувањето на платите бидејќи тоа ќе влијае на инфлацијата и дефицитот.
– Доколку се предвидени одредени зголемувања коишто можат да значат поттикнување на јавната потрошувачка и евентуално притисок врз ценовното ниво, треба внимателно да се пристапи – изјави гувернерката Анита Ангеловска Бежоска.
Да потсетиме дека наспроти замрзнувањето на платите на вработените поголема плата добија 1.060 функционери, а за таа намена годишно од Буџетот ќе се трошат 960 милиони денари.