Морален лик на политичкиот провинцијализам

Овој дегутантен пример со ДУИ е само еден од низата што беа видени меѓу македонските политичари кои беа фатени како јавно не ги почитуваа рестриктивните мерки.

960

Не може да му се замери на МВР кога се работи за казни за државни функционери, смета министерот Спасовски, бидејќи „од премиерот, заменик-премиерот и министрите, сите до сега се казнети за превиди кои треба да се санкционираат“.

Сите се еднакви пред законот. Така веројатно би требало да се толкува оваа изјава на министерот, како израз на определбите, – (за кои отсекогаш имало големи очекувања, но и уште поголеми разочарувања), – за неселективен пристап и ефикасна казнена политика, во држава во која напорите да профункционира правната држава и владеење на правото и понатаму се сопнуваат и тетерават во сивата зона на нерасчистените домашни реформски задачи.






Пандемијата донесе рестрикции за спречување на ширењето на Ковид-19, од кои некои се и правно обврзувачки со казнени мерки, но поентата е пред сè дека целата работа всушност се темели врз морален принцип: – дека сите мора да направат сè што е во нивна моќ за да одржуваат дистанца, да избегнуваат гужви, групирања, непотребни патувања. Таквите големи жртвувања не се однесуваат само на обичните луѓе.

Но што се однесува до политичките лидери, очекувањата со право се уште поголеми, и зрачат од широко ококорените очи на јавноста, секогаш кога ќе се појават тешкотии во настојувањата да се обединат моралот и политиката во еден вид разумно управувана целина. Зигмунт Бауман се осврнува на неизвесноста која во потполност го исполнува „моралниот простор“ што стои во остар контраст кон сите обиди да се создаде рационален морален систем.

Наместо да се обидуваат само да понудат помош кога стравот, понижувањата и пасивноста се вгнездиле кај луѓето, чинителите на социјалната држава би требало да „го остварат либералниот сон за храбри, сигурни во себе и самостојни луѓе“. Пораката би била дека и моралното однесување на политичарите треба да ги следи општествените промени кои тие ги создаваат. И тоа посебно онаму каде што политичарите со својот начин на владеење темелно потфрлиле.

Кога се во прашање очекувањата на пошироката јавност во однос на однесувањето и постапките на политичарите, сфаќањата подразбираат и значајни разлики, во зависност од тоа каде живеат луѓето, во каков општествен амбиент и култура. Во скандинавските земји политичарите се неретко мета врз која се прекршуваат дилемите во колизија меѓу два вредносни система. Од една страна, од политичарот безусловно се очекува да живее онака како што пропагира. Во исто време тоа е и сфаќање зад кое би можеле да застанат и без резерви да го прифатат мнозинството граѓани во разни држави во светот.
Но она што во скандинавските земји доаѓа до израз како судир на вредносните ставови е токму тоа што, од друга страна, обичните луѓе очекуваат политичките лидери да не си замислуваат дека се нешто посебно, и дека за нивно добро постојано други треба да ги кинат чевлите. Нивниот секојдневен живот треба да се одвива како и за сиот обичен свет. А ваквите сфаќања, кои многумина во Скандинавија би ги означиле главно како протестантско провинцијални, во глобални рамки сигурно наидуваат на далеку помал број приврзаници, кои во нив би виделе и некаков идеал. Имено, зошто ти е да си политичар, премиер, министер, или можеби пратеник, а да не можеш да демонстрираш и од себе да зрачиш со моќ и недопирливост. Смислата на политичкиот ангажман на Балканот не скршнува позначајно од таквата димензија на однесување и делување.

Шведскиот премиер Стефан Ловен си дозволи во деновите пред божиќните празници да посети една галерија за да купи резервен дел за својот апарат за бричење и божиќен подарок за неговата сопруга. Сето тоа, според негово објаснување, го направил дискретно, со големо внимание да се однесува според рестрикциите и со неколкуминутно задржување во трговски центар во Стокхолм. Но критиките беа жестоки, а реакциите во медиумите и на социјалните мрежи сè уште не стивнуваат. Ако може премиерот да ги повика граѓаните да го избегнуваат божиќното пазарање, зошто тогаш тој си дозволува „луксуз“ да замижи на едното око пред рестрикциите.

Еден од највисоките шведски државни функционери, генералниот директор на државниот орган за општествени кризи, токму за божиќните празници, во деновите со најсилни препораки за воздржување од непотребни патувања, си дозволил да отпатува на Канарските Острови за дас го прослави Божиќ со семејството. Гневот на граѓаните во однос на ваков пример на двоен морал тешко може да се контролира. Генералниот директор по неколку денови, откако се врати од Лас Палмас, си поднесе оставка. Прашањата за најважните морални консеквенци во специфични ситуации, како да се реши што има морална вредност и што е тоа што би требало да претставува елементарна природа на однесувањето на еден политичар или државен функционер, се секогаш предмет на развлечени дискусии.

Но политичката провинцијалност лесно го открива затскривањето врз некаков лажно изграден морален лик на оние што добиле мандат да управуваат со општетствениот живот. Групниот мачо-портрет на целата врхушка на ДУИ без заштитни маски и дистанца едни од други заврши со прекршочен платен налог. Политички оставки на Балканот ретко се случуваат, ако воопшто се случуваат со искрени намери.

Овој дегутантен пример со ДУИ е само еден од низата што беа видени меѓу македонските политичари кои беа фатени како јавно не ги почитуваа рестриктивните мерки. Роденденот на еден неприкосновен лидер од форматот на Али Ахмети може да биде толку важен за на миг да се заборави на почитувањето на еднаквоста на луѓето пред законската регулатива. Ароганцијата го открива поинаквиот статус кој политичарите сами си го приграбуваат за себе и своите блиски роднини, пријатели и приврзаници. Останатото е важно само во време на предизборната кампања.

За да се сочува власта најдобро е луѓето да се држат во незнаење пред вистината, дури и кога станува збор за вистината за нивните сопствени животи. Затоа, како што вели британскиот нобеловец Харолд Пинтер, сме обвиткани со „огромен гоблен од лаги“, од кој практично егзистираме.

Поврзани содржини