МОРАЧАНИН НАВЕСТУВА МОЖЕН ПРЕМИН ВО ОПОЗИЦИЈА Условна е поддршката на ДОМ за новата Влада
Ако нашите приоритети не се спроведат, јасно е, одиме во опозиција – изјави претседателката на ДОМ Маја Морачанин во емисијата „Аргумент плус“ на ТВ 24.
Партијата ДОМ ја условува подршката на Владата и на парламентарното мнозинство и бара во следните 100 дена да се спроведат програмските приоритети на оваа партијата: ветинг, рамноправна застапеност на жените на изборните листи и мерки за поинтензивно производство на струја од обновливи извори. „Ако ови наши приоритети не се спроведат, јасно е, одиме во опозиција“ – изјави претседателката на ДОМ Маја Морачанин во емисијата „Аргумент плус“ на ТВ 24.
– Бараме да започне процесот на ветинг и да се спроведе конфискација на нелегално стекниот имот заради ефикасна борба против корупцијата, потоа да продолжи собраниската процедура за измени на Изборниот законик за една изборна единица, отворени листи и 50 отсто жени на листите, и на крајот бараме да се интензивира користењето на обновливи извори на енергија преку формирање на енергетски задруги, за граѓаните да станат производители на електрична енергија, како и формирање Фонд за енергетска ефикасност – рече Морачанин.
Претседателката на ДОМ вели дека во спротивно партијата може да замине во опозиција.
– Нема никаква дилема. Јас можам да бидам и во опозиција. Ако овие наши барања не се реализираат и повторно стагнира целиот процес, јасно е дека ДОМ ќе оди во опозиција – рече Морачанин.
Пред два дена ЦО на ДОМ донесе одлука партијата да ја поддржи предложената реконструкција на Владата, во интерес на македонските евроинтеграциски процеси, но притоа да постави услови за првите 100 дена од новиот состав.