МОРА ДА ИЗЛЕЗЕМЕ ОД ЗАМКАТА НА ЕВТИНАТА РАБОТНА СИЛА И ОГРАНИЧЕНО ПРОИЗВОДСТВО Македонската економија мора да се темели на знаење, технологија и иновации

Вештачката интелигенција е новото гравитациско поле на глобалната моќ, а Македонија мора да престане да биде пасивен консумент на туѓа технологија и да стане активен учесник во новата интелигентна економија – рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски на Конгресот во Кавадарци.

3,785

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ во Кавадарци истакна дека стабилноста и развојот на Македонија се можни само со доверба во институциите кои ќе функционираат на основа на владеење на правото со дел на дигитализација.

– Интеграција на дигитални процеси, автоматизација и енергетска транзиција претставуваат стратешка приоритетна насока. Зелената економија не е идеолошки проект, туку државна потреба. Македонија мора да инвестира во обновливи извори на енергија, модернизација на преносниот систем и регионални енергетски проекти за да ја намали зависноста и да создаде нова економска динамика- рече Мицкоски и додаде:






– Стабилноста и развојот се невозможни без доверба во државата, а довербата се гради само преку независни институции, владеење на правото и системи што создаваат правичност, а не зависност. Без доверба во институциите – нема држава. Правната држава не е збир од закони, туку нивна доследна примена. Македонија мора да ја премине границата од формална кон функционална демократија – нагласи Мицкоски.

Мицкоски во својот говор рече дека вештачката интелигенција е новото гравитациско поле на глобалната моќ, а Македонија мора да престане да биде пасивен консумент на туѓа технологија и да стане активен учесник во новата интелигентна економија.

„Вештачката интелигенција е новото гравитациско поле на глобалната моќ. Земјите што инвестираат во AI обезбедуваат економска, безбедносна, институционална и технолошка предност. Земјите што ја игнорираат остануваат зависни од туѓи системи, туѓи технологии и туѓи интереси. Македонија мора да престане да биде пасивен консумент на туѓа технологија и да стане активен учесник во новата интелигентна економија – заклучи Мицкоски.

Македонската економија мора да излезе од историската замка на ниските плати, евтината работна сила и ограниченото производство. До 2030 година, земјата мора да направи структурен премин, од економија на евтина продукција кон економија на знаење, високи компетенции и додадена вредност, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ во своето обраќање во отворениот дел на Конгрес.

„Економската сила ја определува државната сила. Затоа Македонија мора да го напушти моделот на ниска продуктивност и зависност од увоз, и да премине кон економија којашто ќе се темели на знаење, технологија и иновации”, истакна Мицкоски.

Додаде дека овој премин бара системски реформски циклус во повеќе области:

„Индустрии базирани на знаење, технологија, ИКТ, биотехнологија, фармација, инженеринг, креативни индустрии. Ова е новата економска матрица. Земјата мора да вложува во области што создаваат висока додадена вредност и конкурентност на глобалниот пазар. Дигитализацијата и автоматизацијата се предуслов за приклучување кон европските и светските производствени синџири. Модернизацијата на бизнис секторот, новите дигитални технологии и технолошките паркови ќе создадат работни места со висока додадена вредност и ќе го зголемат извозниот капацитет”, рече Мицкоски.

Домашните компании, додаде Мицкоски, мора да станат мотор на раст преку силна институционална поддршка, капитално вбризгување, кредитни линии, намалени административни бариери и поддршка за раст.

„Националната економија е силна само ако домашните претпријатија се силни. Предвидлива фискална политика, стабилни даночни правила и долгорочно стратегиско планирање, усогласено со европските стандарди се предуслов за развој. Ниту една компанија не инвестира во држава во која даночните правила се менуваат со дневната политика. Довербата се гради со долгорочност, јасност и транспарентност”, посочи, меѓу другото, Мицкоски.

Поврзани содржини