МОНУМЕНТАЛНА РЕТРОСПЕКТИВА НА ЖАНЕТА ВАНГЕЛИ Четири децении творештво спакувани во мултимедијална изложба со над 300 дела

„Архив II, 1985–2025: Епифанија“, ретроспективната изложба на Жанета Вангели во Чифте амам, е можност публиката да влезе во интимниот архив на една од најзначајните македонски уметници, да доживее четири децении современа уметност, но и да ја почувствува нејзината визија за тоа како во христијанскиот свет се открива епифанијата.

67

Во Чифте Амам беше отворена монументалната ретроспективна изложба на уметницата Жанета Вангели, една од најзначајните и најавтентични фигури на современата македонска уметничка сцена.

Во просториите на Чифте амам публиката има можност да види над 300 фотографии, уметнички дела, инсталации и објекти, кои се поставувале деноноќно од почетокот на август. Секоја просторија има своја приказна. Централно се дигиталните плотери и пејсажи, десно се стотиците фотографии и портрети на личности од нејзиното опкружување, семејство, роднини и пријатели, како и луѓе кои беа дел од македонската андерграунд сцена, кои ја следат низ четиридецениско творење. Со нив Вангели создава визуелен архив на една генерација, претворајќи ја изложбата во своевидна жива историја на културната меморија. Лево се објекти и инсталации инспирирани од христијанските симболи, нејзината визија за она како во христијанскиот свет се појавува епифанијата (богојавлението).






Целата поставка на оваа мултимедијална уметница претставува капитална опус-антологија, која не само што ги претставува творечките насоки на авторката, туку и ја реконструира културната и општествената атмосфера на изминатите децении.

Изложбата сведочи за епохалното значење на Вангели, чија работа ги надминува границите на класичната уметничка форма и претставува интегрална ретроспектива на нејзиното творештво од 1985 до 2025 година.

Инаку, Вангели е и редовен професор на ФЛУ на катедрата за сликарство и мултидисциплинарни студии од 2008 година, а во 2003 година беше македонски претставник на Венециското биенале. Нејзини дела се изложувани на сите континенти, на групни и самостојни изложби.

„Архив II, 1985–2025: Епифанија“ претставува уникатна можност публиката да влезе во интимниот архив на Вангели и да доживее четири децении македонска современа уметност низ нејзините очи.

Овој проект на Националната галерија на Македонија финансиски е поддржан од Министерството за култура и туризам. Куратор на проектот е виш кустос Маја Крстевска, а стручен соработник е кустос Горанчо Ѓорѓиевски.

 

Поврзани содржини