Монтажната болница кај Пулмологија е поставена, следи опремување

Во новиот објект се наоѓаат четири амбуланти и кабинети со спирометрија, за дифузија и бодиплетизмографија, за бронхијална провокација, за гасни анализи во крвта, за алерголошки тестирања и за ЕКГ.

403

Заврши поставувањето на новиот монтажен објект – амбулантско поликинички оддел на ЈЗУ Клиника за пулмологија и алергологија, лоциран на просторот меѓу Институтот за патофизиологија и Институтот за ТБЦ.

Како што соопшти Министерството за здравство, наредните днеови треба да се постави и соодветната медицинска опрема.






Во новиот објект се наоѓаат четири амбуланти и кабинети со спирометрија, за дифузија и бодиплетизмографија, за бронхијална провокација, за гасни анализи во крвта, за алерголошки тестирања и за ЕКГ, како и две засебни простории за дневни болници за сместување амбулантските пациенти.

Во објектот ги има и сите потребни помошни простории, тоалети и гардеробери за персонал, засебни тоалети за пациенти, чекални, административни соби, стерилни остави, сервер соба, климатизација и слично.

– Целиот простор ентериерно и екстериерно е оформен така да не постојат бариери и препреки за лица кои користат помагала и лица со попреченост, за кои се предвидени и специјални тоалети согласно стандардите – велат од Министерството за здравство.

Оттаму додаваат дека поставувањето на новата монтажна амбуланта е со цел оние пациенти кои имаат било каква белодробна симптоматологија целосно да се одделат од сите други пациенти, и во амбуланскиот дел да се направи тријажа на пациентите.

– Ова е важно за наредниот период, за есенските месеци, во кои што бројот на пациенти со белодробни заболувања вообичаено значајно се зголемува – додаваат од Министерството..

 

Поврзани содржини