МОН Е ОСТАВЕН ВО МИНУС ОД ПЕТ МИЛИЈАРДИ ДЕНАРИ Ќе има плати за сите вработени, уверува Јаневска

МОН ќе се потруди редовно да се исплаќа и финансиската поддршка за учениците и да расте студентскиот стандард, изјави министерката Весна Јаневска во гостување на ТВ Алфа.

649

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, изјави дека не треба да има грижи, бидејќи и со буџет од минус 5 милијарди денари, ќе обезбедат да има плати за вработените во образованието, да се исплаќа финансиската поддршка за учениците и да расте студентскиот стандард.

Како што информираат од Министерството за образование и наука, на вечерашното гостување на Алфа ТВ, министерката зборувала и за актуелните состојби во образованието и промените кои ќе следат за време на нејзиниот мандат.






– Ќе се потрудиме да направиме корисни чекори за да се унапреди квалитетот на образованието и веќе имаме позитивни реакции по однос на одложувањето на Концепцијата за основно образование и ревидирањето на наставните програми за седмо, осмо и деветто одделение – посочила таа.

Осврнувајќи се на инклузијата во образованието, Јаневска дополнила дека МОН предлага измена на законите за основно и средно образование и заедно со стручната јавност и родителите ќе одлучат кое е најдоброто решение за инклузија.

Министерката говорела и дека постои голем притисок врз наставниците за поправање оценки на крајот од учебната година, но дека има план како да бидат ослободени од тој притисок, а од следната учебна година, како што дополнила, ќе се отвори и телефонска линија за пријавување неправилности во работењето на образовните установи.

Во Министерството, како што посочи, постојано имало поплаки за работата на одредени универзитети и факултети. Taa вели дека МОН во моментов работиме на три пријави – за еден државен и два приватни универзитети. За кои универзитети конкретно станува збор, „ќе говориме кога ќе имаме сериозни докази“, рече Јаневска.

Како што информираше министерката, на јавна расправа ќе биде ставен нов предлог за печатење на сведителствата.

– Добивме нов е-дневник со средства од ЕУ, којшто е многу посовремен и поефикасен. Тој е во фаза на тестирање и одобрување и истиот овозможува печатење на свидетелства. Но, реално, учениците имаат потреба од свидетелства само во деветто одделение и во завршна година од средно образование, за да го продолжат образованието или за да се вклучат на пазарот на труд. Можеби е подобро и поекономично, училиштата да ги печатат другите свидетелства, а завршните свидетелства да ги печати државата. И овој предлог ќе го ставиме на јавна дискусија – рече Јаневска.

Поврзани содржини