Момчиња нападнаа полицајци во Скопје: „Ќе го јадете, не знаете со кого имате работа“ (ВИДЕО)
Од МВР го потврдија настанот и истакнаа дека напаѓачите се приведени.
Голема мешаница вчера се случувала во центарот на Скопје откако група млади момчиња одбиле да се легитимираат и сакале физички да се пресметаат со полицајците. Како што може да се забележи од снимката објавена на Твитер, во еден момент едно од момчињата се обидело да го задуши еден полицајците фаќајќи го за вратот.
Додека траела мешаницата, целата случка ја снимило едно момче кое било дел од групата која одбивала да се легитимира. Како што може да се слушне на видеото, тој им се заканува на службените лица дека ќе се јавел на телефон и дека полицајците „ќе го јаделе“ затоа што не знаат „со кого си имаат работа“.
Од МВР го потврдија настанот и истакнаа дека напаѓачите се приведени.
„Во врска со видеото каде е нападнат полициски службеник и кое денеска се споделува на социјалните мрежи, а во јавноста беа пласирани конструкции и лаги, Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека настанот се случил на 04.10.2020 околу 02.40 часот на ул. Костурски херои, пред пекара и дека напаѓачите се приведени и против нив, по целосно документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава. Настанот е објавен и во извадокот од дневниот билтен што секојдневно го објавува Министерството за внатрешни работи. Имено, двајца полициски службеници вршејќи мотопатролна дејност на оваа улица забележале лице кое не носело заштитна маска, а било и под дејство на алкохол и од него побарале лична карта со цел негово легитимирање. Лицето рекло дека не носи лична карта и почнало агресивно да се однесува кон полициските службеници, по што дошле и други лица, а едно од нив физички нападнало полициски службеник. Лицата веднаш се лишени од слобода и спроведени во ПС Центар, каде им бил утврден идентитетот. Лицето што не носело маска и агресивно се однесувало е А.Т. (20) од Скопје, а лицето што физички нападнало полициски службеник е И.М. (22) исто така од Скопје. За целиот настан е изготвен соодветен службен материјал. Секој што ќе нападне полициски службеник кој се грижи за безбедноста на граѓаните, ќе се соочи со законот. Напад врз полициски службеник е сериозно кривично дело и такви постапки и однесување нема да се толерираат“, се вели во соопштението од МВР.