МОМЧЕ СИНОЌА ДИВЕЕЛО ВО ВЕЛЕС Со ножеви нападналo девојче, нејзината мајка и полицајци и избегалo
Полицијата била принудена да испука неколку куршуми во воздух за да го натера да ги фрли ножевите.
Млад Велешанец вчера попладне предизвикал хаос заканувајќи се со ножеви на малолетничка, нејзината мајка и на полицајците кои дошле на повик за помош, по што ѝ побегнал на полицијата. Полицијата била принудена да испука неколку предупредувачки куршуми за да го натера да ги фрли ножевите.
Момчето С.У. (23) , поради засега неутврдени причини, прво на улицата „Хаџи Косте” во Велес, физички нападнало малолетничка со нож, а кога дошла нејзината мајка да ѝ помогне и нејзе и се заканил дека ќе ја прободе.
Настанот во полиција го пријавил таткото на девојчето, а кога полицајци дошле на местото и го затекнале момчето како држи остри предмети во рацете побарале од него да ги фрли, но наместо да ги послуша С.У. тргнал на полицајците за да ги нападне и нив. Полицајците испукале предупредувачки куршум во воздух и повторно побарале да ги фрли ножевите, но тој продолжил да им се приближува. Полицајците повторно испукале уште еден предупредувачки куршум во воздух, по што напаѓачот го фрлил едниот предмет и почнал да бега. Полицијата испукала уште два предупредувачки куршуми во воздух, а С.У. и натаму бегајќи го фрлил и вториот нож.
Полицијата сега трага по насилникот. За настанот е известен и Центарот за социјални работи Велес.