МОЛОТОВИ КОКТЕЛИ ВРЗ ВЛАДАТА, ПРОТЕСТИТЕ ВО ТИРАНА ИЗЛЕГОА ОД КОНТРОЛА Полицијата одговори со солзавец и со водени топови

Демонстрантите се обидоа да го пробијат полицискиот кордон пред парламентот, а попатно запалија контејнери за отпад. Демократите најавија продолжување на протестите и нивно радикализирање.

27

Пред владата во Тирана вечерва се одржа протест на албанската опозиција, кој кулминираше со фрлање молотови коктели и пиротехнички средства врз објекот, веднаш по говорот на лидерот на демократите Сали Бериша, а продолжи со насилното однесување и пред парламентот.

По интервенција на полицијата со водени топови и солзавец, насобраните граѓани се оддалечија од местото на протестот и заедно со Бериша се упатија кон зградата на парламентот, каде се обидоа да го пробијат полицискиот кордон, и тука фрлајќи молотови коктели. И тука полицијата употреби солзавец и водени топови. Попатно протестантите запалија и контејнери за отпад.






Одржувањето на четврт по ред национален протест, се совпаѓа со датумот на уривањето на споменикот на диктаторот Енвер Хоџа на плоштадот „Скендербег“ во Тирана на 20 февруари 1991 година, што се смета за чин на кулминација на протестите на студентите и граѓаните, отворајќи го патот за политички плурализам и конечен колапс на тоталитарниот режим.

Токму на овој датум Бериша му посвети посебно внимание, нарекувајќи го денешниот „втор историски протест за уривање на диктатура“.

– Не ни помислував дека по 35 години повторно ќе бидеме на улица, овој пат да го урнеме вториот диктаторски режим, не идентичен со оној на Хоџа, но сличен по многу аспекти. Хоџа убиваше, затвораше невини граѓани, Рама ги истера Албанците од нивната земја, украде милијарди и милијарди евра, средства на граѓаните, за изградба на својот рај. Власта на Рама е столб на срамот. Се колнеме пред албанскиот народ дека деновите на Рама се избројани. Тој е политички мртовец, рече меѓу другото Бериша, кој по занимање е кардиолог, а во времето на Хоџа беше негов личен доктор.

Ние сме ураган и ќе ја спасиме Албанија, додаде Бериша, ветувајќи дека на албанските граѓани ќе им ја вратат демократијата, слободните избори, надежта.

Повеќето говорници, во своите обраќања, побараа „техничка влада и избори без Рама како премиер“, итна оставка од премиерот Еди Рама и вицепремиерката и министерка за инфраструктура и енергетика Белинда Балуку, а учесниците во протестот постојно извикуваа „Рама оди си“.

Демократите најавија продолжување на протестите и нивно радикализирање.

Иако полицијата не дала дозвола за негово одржување, сепак, министерството за внатрешни работи ангажираше над 1.600 полицајци, како и припадници на специјалните единици.

Поврзани содржини