Молекуларниот биолог Штагљар прогнозира кога животот ќе се врати во нормала
Тој прогнозира дека во наредните три месеци ќе се стабилизира ситуацијата и дека животот ќе се врати во нормала.
Молекуларниот биолог од Универзитетот во Торонто, Игор Штагљар, оценува дека животот нема да се врати во нормала сè додека не биде пронајдена вакцина или лек.
Тој вели дека научниците направиле една голема грешка, а тоа е дека на почетокот го потцениле вирусот и дека не верувале дека ќе се случи сето она што сега ни се случува.
– До крајот на оваа година, поради пандемијата со коронавирусот, во Канада би можело да починат над 5.000 луѓе, а се прогнозира и дека оваа бројка може да се искачи и на 10.000, а тоа е 0.01, односно 0.02 отсто од популацијата. Ситуацијата во Америка полека излегува од контрола, а како што можевме да прочитаме во медиумите, американскиот претседател Доналд Трамп пред само седум дена одбиваше да преземе сериозни мерки за да се спречи ширењето на пандемијата. Њујорк сега е ново жариште, болниците не можат да примаат пациенти затоа што немаат доволно респиратори – вели тој.
Штагљар објаснува дека социјалната дистанца е единственото решение во моментов, а исто така посочи дека половина од научниците во светот работат на пронаоѓање вакцина за ковид-19.
– Сите лаборатории се здружија и се обидуваат да пронајдат вакцина, односно лек кој би можел да биде ефективен за коронавирусот. Но, лекот и вакцината ќе ги добиеме најрано за една година. Работата со вакцината е во тоа што таа мора прво да се тестира на здрави луѓе, да видиме колкава е токсичноста, колку треба да се дозира, а дури по 6 до 9 месеци ќе може да им се дава на инфицираните пациенти – објаснува Штагљар.
Тој прогнозира дека во наредните три месеци ќе се стабилизира ситуацијата и дека животот ќе се врати во нормала.
– Најдобро би било да имаме вакцина или да пронајдеме лек. Тогаш работите повторно би се вратиле во нормала. Но сега, ние мораме да живееме онака како што живееме, да се изолираме и да се криеме од вирусот. Се надевам дека за три месеци ќе може да се стабилизира работата. Едно е јасно, сè додека немаме лек или вакцина, нема да имаме ниту нормален живот – вели биологот.