МОЛЧЕЛ ДОДЕКА СЕ СПРЕМАЛ ШТЕТНИОТ ДОГОВОР Милошоски смета дека Димитров постапил неморално
Додека Димитров бил функционер во Владата молчел, а откако видел дека нема да биде член на новата Влада се решил да прозбори, што е неморално, реагира денеска на прес конференција Антонијо Милошоски
Тоа што го спомена Никола Димитров дека е можен уште еден штетен договор со Бугарија, само потврдува дека Димитров однапред знаел за подготовката на ваквиот можен следен штетен договор, но додека бил функционер во Владата молчел, а откако видел дека нема да биде член на новата Влада се решил да прозбори, што е неморално, но во секој случај ризикот од ваквиот договор не го намалува и затоа треба да бидеме сериозни и внимателни, реагира денеска на прес конференција Антонијо Милошоски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија.
– Вчерашните изјави дадени од вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров и јавно изнесената недоверба до неговиот доскорашен колега, министерот за надворешни работи Бујар Османи, покажува дека и Димитров и Османи се само лице и опачина на една иста паричка која што во Владата во буквална смисла е интерес за нејзино опстанување, односно личната кариера и интересот се пред интересите на државата и граѓаните на Македонија – рече тој.
Според ВМРО-ДПМНЕ, и Димитров и Османи се истите ликови кои што од 2018 година до денес најавуваат датуми за членство во ЕУ секое полугодие – заедно се сликаа и во владиниот авион и сметаме дека е време заедно ја проверат својата доверба или недоверба на граѓаните кон нив и да си дадат оставка како чин на одговорност за нивните неуспешни политики, додава Милошоски.