МОДЕРНО СКОПЈЕ ГО ПРОЕКТИРАЛЕ ЖЕНИ Кои биле Вера, Мимоза, Василка, Олга, Љубинка…? (ГАЛЕРИЈА)
Внесувањето на баклавите од народниот фолклор и на слични мотиви во бетонска изработка го означува бракот меѓу традицијата и тогашната социјалистичка модернистичка авангарда. Тука доаѓаа до израз македонските жени. Истите тие жени кои во илјадагодишната традиција на везење народни носии и облека со конец ги вметнувале своите геометриски дизајни сега ги аплицираат во една подлабока архитектоника во срцето на Скопје.
Тим од десетина македонски жени архитектки биле клучни во проектирањето на модерно Скопје веднаш по земјотресот во 1963 година, онакво какво што повеќе од нас го знаат и го разбираат денес. Фотографии и макети од модернистички објекти како гимназијата „Јосип Броз Тито“ или библиотеката „Браќа Миладиновци“ се само некои од нивните дела кои до 23 март годинава ќе бидат изложени во Музејот „Македонија“ во скопската Чаршија.
Еве некои од делата кои беа изложени, а се детално објавени на страната womenarchitects.mk:
Незамисливо било жените да ја преземат „машката“ професија наречена архитектура во 60-тите, но тоа кај нас продолжило и во 70-тите и во 80-тите години. Тоа е време на преод од модернизмот кон постмодернизмот, а во светот се јавуваат објекти како Сиднејската Опера со смели бруталистички речиси скулптурални мотиви, а паралелно кај нас, како одговор на градбата на Светскиот Трговски Центар го имаме нашиот ГТЦ, тогаш најавангарден во Југославија. На една поштенска маркичка со операта во Сиднеј осамнува и слика од некогашниот објект на Владата со своите стакла и баклави.
Внесувањето на баклавите од народниот фолклор и на слични мотиви во бетонска изработка го означува бракот меѓу традицијата и тогашната социјалистичка модернистичка авангарда. Тука доаѓаа до израз македонските жени. Истите тие жени кои во илјадагодишната традиција на везење народни носии и облека со конец ги вметнувале своите геометриски дизајни сега ги аплицираат во една подлабока архитектоника во срцето на Скопје.
Тие баклави Мимоза Томиќ заедно со Кирил Муратовски ќе ги аплицира во кубусите на денешниот Музеј на Македонија, на Стоковната куќа „Беко“ и на фасадата на легендарното кафуле „Менада“ во Старата Скопска Чаршија. Слични на нив, но овојпат три квадратни кубуси ќе употреби Василка Ладинска со мондријановски стакленици во дизајнот на скопската гимназија „Јосип Броз Тито“, додека Вера Ќосевска многу суптилно и моќно ќе си поигра со полукружните форми во Театарот на народностите, денес Албанскиот театар. Прохирија Хаџи-Костова ќе ја испроектира познатата библиотека „Браќа Миладиновци“ чии нагласени конструктивистички фасадни бетонски елементи повторно го навестуваат брутализмот кој следува.
Малку се знае за Мимоза Томиќ, Вера Ќосевска, Љубинка Маленкова, Олга Папеш, Василка Ладинска и многуте други незнајни архитектки и проектантки. Тие студирале во европските центри Париз, Виена, Берлин и Прага кајшто освен со струката се сретнале и со растечкиот феминизам. Кога се вратиле во родниот град ги очекувала тешка задача. Учествувале и во изработка на главните урбанистички планови на градовите низ целата земја, но и во многу од станбените блокови и згради кои го даваат модерниот лик на скопските населби.
Проектот за изложбата е финансиран од Амбасадата на Швајцарија во Северна Македонија. Автори на поставката се Ана Ивановска Дескова, Владимир Десков, Јован Ивановски и Бојана Стојменовска.