📽️ МОДЕРНА, СВЕТЛА И ДОСТАПНА Вака ќе изгледа новата Клиника за гинекологија кога ќе заврши целосното реновирање
Реновирањето опфаќа комплетна реконструкција на чекалните, амбулантите, лабораториите и специјалистичките кабинети во вредност од 29 милиони денари.
Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство започна со целосна реконструкција и модернизација на своите простории, проект кој беше најавен денеска од премиерот Христијан Мицкоски. Преку видео објава, Клиниката прикажа како ќе изгледа објектот по завршување на реновирањето – со модерен, светол и функционален простор кој нуди квалитетна и достапна здравствена заштита за секоја пациентка.
– Со оваа инвестиција ги поставуваме темелите на современо здравство – со ефикасни услуги, пократки листи на чекање и подобрена дијагностика и третман за сите пациентки – изјави премиерот Мицкоски на денешниот настан.
Реновирањето опфаќа комплетна реконструкција на чекалните, амбулантите, лабораториите и специјалистичките кабинети во вредност од 29 милиони денари. Дополнително, од почетокот на годината веќе се инвестирани 32,6 милиони денари во најсовремена медицинска опрема за микроинвазивна хирургија, што значително ќе ја зголеми ефикасноста и ќе го намали времето на чекање за хируршки интервенции.
Посебен фокус е ставен и на репродуктивната медицина. ИВФ лабораторијата, која по пауза од речиси четири години повторно започна со работа во ноември 2024, ќе биде целосно унапредена во модерен интегриран државен ИВФ центар. За таа цел, ќе бидат инвестирани дополнителни 28,2 милиони денари за нова инфраструктура, опрема и едукација на кадарот. Планот е овој центар да прерасне во регионален хаб и да носи приходи за Клиниката.
– Целта е пациентките да добиваат здравствени услуги според највисоки светски стандарди, а нашата установа да стане пример за успешно модернизирано јавно здравство – порача раководството на Клиниката.