МОДЕРНА КУЈНА ОД 100.000 ЕВРА ЗА ГРАДИНКАТА „СРНИЧКА“ Таму се готви за половина од децата во Аеродром
Реконструкцијата опфати промена на плочките, рушење на одредени ѕидови, промена на водоводната мрежа и целосна замена на електричната инсталација, како и други градежни активности, финансирани од Општина Аеродром, соопшти локалната самоуправа.
По цели 40 години употреба, извршена е темелна реконструкција на главната кујна на детската градинка „Срничка“, која што се наоѓа во објектот „Чекорче“ во Аеродром.
В.д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески и заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, денеска извршија увид во обновениот простор.
„Станува збор за многу значаен проект, затоа што во кујната секојдневно се подготвува храна за сите шест клонови што припаѓаат на градинката Срничка, во која се згрижени речиси половина од дечињата во Аеродром. Реконструкцијата опфати промена на плочките, рушење на одредени ѕидови, промена на водоводната мрежа и целосна замена на електричната инсталација, како и други градежни активности, финансирани од Општина Аеродром. Со пари од Светската банка, кујната е опремена со целосно нова и современа апаратура, како и со друга потребна опрема. Вкупната сума за обновува на кујната е во висина од 6,5 милиони денари (105.000 евра)“ , информира локалната самоуправа.
Современите апарати и другата софистицирана опрема, во голема мера ќе им ја олеснат и работата на вработените во кујната, кои неуморно и со голема љубов подготвуваат топли оброци за дечињата, се додава во соопштението.