МОДЕРЕН КРУЖЕН ТЕК И НОВИ БУЛЕВАРИ ВО АЕРОДРОМ Ѓорѓиевски има план како да го реши сообраќајниот хаос

Кандидатот за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави редизајн на критични крстосници и нови сообраќајни решенија со кои се цели кон визијата „нула фатални несреќи“.

116

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, денес беше во посета на општина Аеродром, каде ја претстави својата програма за сообраќајни решенија на една од најкритичните точки во градот. Станува збор за вкрстувањето меѓу булеварите Кузман Јосифовски – Питу и Јане Сандански со улиците Руди Чаевац и Симеон Кавракиров, во непосредна близина на основното училиште Блаже Конески.

– Овде секојдневно има голема фреквенција на возила, пешаци и ученици, а бројните сообраќајни незгоди што се случуваат се доказ дека е неопходно современо и трајно решение. Затоа, еден од првите проекти што ви ги претставувам е изградба на модерен кружен тек со безбедносни острови, јасна сигнализација и уредени пешачки премини. Така ќе обезбедиме побезбедно, побрзо и поефикасно движење за сите – изјави Ѓорѓиевски.






Тој нагласи дека кружниот тек е дел од поширок концепт за редизајн на 50 критични крстосници и улици во Скопје, кој до 2030 година треба да биде целосно реализиран.

– Визијата е јасна – нула фатални несреќи. Со кружни текови, подигнати премини и визуелни ограничувачи ќе ја намалиме брзината и ќе ја зголемиме видливоста, а тоа значи поголема сигурност за сите учесници во сообраќајот – додаде Ѓорѓиевски.

Посебен акцент стави на проектот за целосна изградба на булеварот АСНОМ, кој ќе го поврзе Аеродром со Гази Баба преку мостот „Михаило Апостолски“.

– Во првата фаза ќе обезбедиме фер решавање на експропријацијата и поврзување со булеварот Александар Македонски. Потоа ќе следи репроектирање на трасата кон „Ист Гејт“, за да се надминат имотно-правните предизвици. Тоа ќе значи побрзи излези, растоварен сообраќај и подобар квалитет на живот за илјадници граѓани – рече Ѓорѓиевски.

Како дел од капиталните зафати, тој го најави и продолжувањето на булеварот Февруарски поход со изградба на нов мост преку реката Вардар што ќе се поврзе со улицата Перо Наков.

– Со оваа интервенција ќе создадеме нова моќна сообраќајна оска што ќе ги обедини општините Аеродром и Гази Баба, ќе ги интегрира индустриските капацитети и јавниот превоз и ќе овозможи рамномерен развој на источниот и западниот дел од градот – изјави тој.

Ѓорѓиевски потенцираше дека сите овие проекти не се само локални решенија за Аеродром, туку стратегија за цело Скопје.

– Моја визија е Скопје да стане град во кој секое дете безбедно стигнува до училиште, секој возач безбедно пристигнува дома, а секој граѓанин живее во средина со современа инфраструктура и европски стандарди – порача Ѓорѓиевски.

Поврзани содржини