Моќ: Да се принуди другата страна да го стори тоа што не би го сторила без принуда
Сака да каже дека не сме ние од тие земји зашто чекавме прво да не удри бугарското вето за да реагираме.
Констатирајќи ја ноторната вистина дека аспирантите за членство мораат да попуштат во спор со членка на ЕУ, Даниел Сервер,омилениот американски соговорник на наши новинари на кои им се чини дека тој секогаш е на наша страна, заклучува дека умните земји навреме ги решаваат ваквите проблеми каков што е овој со Бугарија. Сака да каже дека не сме ние од тие земји зашто чекавме прво да не удри бугарското вето за да реагираме.
Правејќи една паралела меѓу поведението на Грција некогаш и Бугарија денес, доаѓам до интересен заклучок. Наспроти вообичаеното мислење кај нас, и двата спора се во основа идентитетски. Целта на Грција беше да се откажеме од античкиот македонски идентитет на кој полагаше право нашата државна политика а историчарите главно молчеа. Грците го добија тоа со Преспанскиот договор. Признавањето на македонската нација и јазик, со јасна назнака дека се од словенско потекло, беше не само во наш туку и во грчки национален интерес како брана против ширењето на бугарското влијание во нашата земја.
Која е целта на Бугарија која сега сака да го проектира своето влијание во Македонија. Иако отворено не се негира нашиот модерен идентитет, постапките на соседот говорат дека, со проблематизирањето на јазикот се прави обид тој идентитет да се расклати. Во изјава на бугарското МНР се вели дека и Грција не била разбрана на почетокот, како и Бугарија сега, но дека ќе се направат напори тоа да им се објасни на партнерите. Тоа е најава дека брзо решение нема да има. Ќе се копира грчката методологија. Само, за разлика од грчката државна политика во деведесеттите која сакаше да не нема, бугарската посакува да не нема онакви какви што сме денес.
Почна со обидите да се апсолвира темата за заедничката историја, поточно да се помират нашите македонски митови со историските факти. Но за тоа да се случи треба доверба дека Бугарија искрено ја почитува нашата национална посебност и нашиот јазик. Доверба дека заедно со нас ќе го вртат тркалото на историјата напред а не назад. Во спротивно, нашиот интерес ни вели дека од готово ќе направиме (национална) вересија. Но, се поставува прашањето дали бугарската државна политика е толку европеизирана за несебично да го промовира македонскиот национален идентитет или е тоа став само на либералната јавност?
Постапките зборуваат самите за себе. Наместо трпение да се решат историските контоверзи па потоа да се оди на други теми, државната политика формулирана од партиите во бугарскиот парламент, заедно со објаснувачкиот Меморандум на владата, истури врз нас се што можеше Бугарија да најде како проблем во нашите односи – буквално се, од Самуил и Гоце Делчев до Тито. Причина? Истата како и со Грција: да се види колку можеме да издржиме. Играта е опасна оти никој нема одговор на прашањето колку удари може да издржи Македонија пред да западне во сериозна криза.
Македонското општество е еден деликатен баланс на национални заедници за кои членството во ЕУ е потпора, извор на државна кохезија и патоказ за демократски реформи. Бугарската политика е раководена од сознанието дека суштината на моќта, особено онаа во меѓународните односи, е да се принуди другата страна да го стори тоа што не би го сторила без принуда. Бугарија верува дека ќе помине како Грција но овој пат идентитетската тема е многу покомплицирана од античката со можни сериозни последици по стабилноста на Македонија и на Балканот.