МНТ СО „НИЧИЈА ЗЕМЈА” ГОСТУВА ВО БУДИМПЕШТА Исчекор за македонскиот театар на европската сцена
По претставата ќе се одржи сесија разговори меѓу македонските актери и публиката.
Во среда, на 19 ноември, Македонскиот народен театар ќе гостува на сцената на престижниот Национален театар „Немцети Шиназ“ во Будимпешта, Унгарија со наградуваната претстава „Ничија земја”, соопшти театарот.
– Ова гостување е повеќе од еднократен културен настан, и е ново поглавје во нашата меѓународна соработка. Унгарската публика ќе има можност да ја почувствува енергијата на „Ничија земја”, а ние со ист ентузијазам го очекуваме нивното гостување во Скопје следната година. Верувам дека ова партнерство ќе прерасне во долгорочна и продуктивна размена – изјави директорот на МНТ Никола Кимовски.
Публиката во Будимпешта ќе има можност да ја погледне претставата „Ничија земја” од Данис Тановиќ, во режија на Александар Морфов и во изведба на актерскиот ансамбл: Сашко Коцев, Тони Михајловски, Гораст Цветковски, Александар Микиќ, Борче Начев, Оливер Митковски, Софиа Насевска-Трифуновска, Александар Михајловски, Томе Станковски, Александар Ѓорѓиески, Дамјан Цветановски, Ненад Анѓелковиќ, Никола Стефанов, Стефан Спасов, Григор Јовановски, Кристина Гиева, Филип Миленкоски, Александар Ивановски и Марија Кондовска.
По претставата ќе се одржи „Сесија разговори” меѓу македонските актери и публиката.