МЕТАК ВО НОГАТА – На 23 јули во 22.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ со повреда бил донесен Р.Б.(68) од Скопје. Според пријавеното, во неговиот продажен објект на бул.„Никола Карев“ околу 21.30 часот дошле Е.С.(33), Н.С.(56) и Џ.С.(27), сите од Скопје и физички ги нападнале неговите синови Е.Б.(41) и Е.Б.(27). Според пријавеното, Р.Б. од горниот кат се симнал да види што се случува, при што Е.С. од пиштол испукал еден куршум и го повредил во десната натколеница, по што напаѓачите избегале. Увид на местото извршила екипа од СВР Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
ЗАИГРАЛЕ ПИШТОЛИ ПОМЕЃУ КОЛЕГИ – На 23 јули околу 12.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека пред фирма на ул.„Скупи“, по претходно недоразбирање, настанала физичка пресметка помеѓу О.Б., И.Б., М.М. и М.М.М., вработени во фирмата, од една страна, и М.Ш. со неколку други лица, од друга страна. Според пријавеното, во физичката пресметка биле користени тврди предмети, а во еден момент О.Б. испукал еден куршум во воздух, по што го вперил пиштолот кон М.Ш.. При пресметката, со тешки телесни повреди се здобил М.М., констатирани во болницата „Св.Наум Охридски“, каде бил пренесен за укажување на лекарска помош. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
ПУКОТНИЦИ ВО БУТЕЛ, ЕДЕН ПОВРЕДЕН – На 22 јули во 14.30 во СВР Скопје, А.Р.(30) од Скопје пријавил дека на 10.07.2020 околу 15.00 часот, додека со Е.Н. и Р.Н. седеле пред угостителски објект во населба Бутел, во нивна близина неколку лица го нарушиле јавниот ред и мир со физичка пресметка, при што се слушнал истрел од огнено оружје, кој го погодил пријавителот во ногата. Увид на местото извршила екипа од СВР Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
ГРУПНА ТЕПАЧКА ВО СЕЛО МОРАНИ – На 19 јули во 22.58 часот во СВР Скопје, А.Е. од с.Студеничани пријавил дека во 22.30 часот во с.Морани, поради меѓусебно недоразбирање, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Б.М.(23), Е.М.(46), двајцата од с.Морани и Е.Ф.(34) од с.Палиград, од една страна и М.З.(65) од с.Студеничани, Ќ.З.(40) од с.Палиград, Џ.З.(35) и О.З.(19), двајцата од с.Горно Количани, од друга страна. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
НЕ БИЛО СООБРАЌАЈКА, ТУРКАЊЕ БИЛО – На 23 јули во 18.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ било донесено повредено дете – пешак, во сообраќајна незгода во населба Чаир. Полициски службеници излегле на местото на настанот и констатирале дека не станува збор за сообраќајна незгода, туку на бул.„Никола Карев“, додека повеќе малолетни лица играле, од непознато лице бил турнат 11-годишен малолетник од с.Сарај, скопско, кој при падот се здобил со тешка телесна повреда. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
КРАЖБА ВО КОЧАНИ – На 24 јули во 03.53 часот во СВР Штип било пријавено дека околу 03.00 часот непознати сторители со употреба на сила влегле во продажен објект на ул.,,Славчо Стојменов“ во Кочани, сопственост на Д.И.(64) од Кочани, при што физички го нападнале Д.И. и одзеле пари. Увид на местото извршила увидна екипа на Одделението за внатрешни работи Кочани. Се работи на расчистување на случајот.
ПУКАЛ СО АВТОМАТСКА ПУШКА, ЕДЕН ПОВРЕДЕН – СВР Тетово поднесе кривична пријава против Н.Б.(31) од с.Ларце, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „убиство во обид“ и „недозволено изработување, држење и тргување со огнено оружје или распрскувачки материи“. На 01.07.2020 пред угостителски објект во с.Мала Речица, тетовско, настанала физичка пресметка помеѓу пријавениот и М.Ш.(40) од Тетово, по што пријавениот земал автоматска пушка и пред домот на М.Ш. на ул.„Илинденска“ во Тетово испукал неколку куршуми кон него и го погодил во пределот на потколеницата. По преземени мерки од страна на полициски службеници на 22.07.2020 пријавениот бил пронајден и лишен од слобода и му била одредена мерка притвор во времетраење од 30 дена.
СО ЛАЖНА ПЛАТЕЖНА КАРТИЧКА ДО ПРОФИТ – Надворешната канцеларија за криминалистички работи Пробиштип поднесе кривична пријава против Г.С.(21) од Пробиштип, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „изработка и употреба на лажна платежна картичка“. Во текот на декември 2018 година, пријавениот искористил згодна прилика и прибавил банкарски податоци од вистинска платежна картичка и податоци за носителот на платежната картичка и ги искористил при вршење на 11 успешни интернет трансакции кон странски интернет продажни места, со што го оштетил сопственикот за износ од 134.493 денари.
ПРИВЕДЕН МЛАД ХАКЕР ОД СКОПЈЕ – Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР поднесе кривични пријави против Р.А.(19) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“ и „злоупотреба на лични податоци“. Пријавениот бесправно навлегол во Snapchat профил на Х.П., ја променил лозинката и потоа креирал група на која имало поставено нејзини лични фотографии. По преземени мерки, тој бил откриен и пронајден и во разговор со полициски службеници го признал делото.
(Дел од Билтенот на МВР од 24.07.2020)