„МНОГУ СМЕ БЛИСКУ ДО ЦЕЛТА“ Израел удри по иранската ракетна индустрија – уништени магацини во Јазд

Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, рече дека иранскиот нуклеарен полигон Фордов бил сериозно оштетен од американските бомби што ги разбивале неговите бункери, но дека обемот на штетата допрва останува да се види.

254

Израелските одбранбени сили (ИДФ) објавија дека вчера погодиле складишта за ракети земја-земја во централен Иран, на околу 2.200 километри од израелската територија.

Портпаролот на Израелските одбранбени сили, Ефи Дефрин, изјави дека се погодени магацини во градот Јазд, објави Си-Ен-Ен.






– Во текот на целиот ден, продолживме да ги ослабуваме капацитетите на Иран, извршувајќи сеопфатен напад врз производствените погони на ракетите што му припаѓаат на Корпусот на Исламската револуционерна гарда, длабоко на територијата на Иран – рече Дефрин на прес-конференција.

Тој додаде дека нападите се дел од поширокиот напор за ослабување на иранската програма за оружје и на ракетната индустрија на режимот во Техеран.

Израелските одбранбени сили претходно вчера објавија дека започнал нов бран напади врз Техеран и врз западен Иран.

Началникот на Генералштабот на израелските одбранбени сили, генерал-потполковник Ејал Замир, вчера изјави дека воената кампања против Иран е „далеку од завршена“ и дека Израел ќе продолжи да го напаѓа Иран во согласност со оперативниот план.

Тој додаде дека Израел е подготвен да продолжи со напади сè додека тоа е потребно, објави Тајмс оф Израел.

„Израел е блиску до својата цел“

Израел е многу блиску до постигнување на својата цел за елиминирање на двојната закана од балистичките ракети и од нуклеарната програма на Иран, изјави израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.

Израелскиот премиер вети дека неговата земја нема да дозволи да биде вовлечена во војна до исцрпување, но, исто така, рече дека нема да ја заврши иранската кампања предвреме.

– Нема да ги спроведуваме нашите дејствија надвор од тоа што е потребно за нивно постигнување, но, исто така, нема да завршиме прерано. Кога ќе бидат постигнати целите, операцијата ќе заврши и борбите ќе престанат. Не се сомневам дека ова е режим кој сака да нè уништи, и затоа ја започнавме оваа операција со цел да отстраниме две специфични закани за нашето постоење: нуклеарната закана и заканата од балистички ракети. Чекор по чекор се движиме кон остварување на тие цели. Многу, многу сме блиску до нивната реализација – изјави тој за израелските медиуми.

Нетанјаху додаде дека иранскиот нуклеарен полигон Фордов бил сериозно оштетен од американските бомби што вчераноќ ги разбивале неговите бункери, но дека обемот на штетата допрва останува да се види. Техеран вети дека ќе продолжи да се брани по секоја цена.

Запрашан каде сега се наоѓа 60% збогатениот ураниум на Иран, Нетанјаху рече:

– Внимателно го следевме тоа. Можам да ви кажам дека тоа е важна компонента на нуклеарната програма. Тоа не е единствената компонента. Нема доволно компоненти. Но, тоа е важна компонента и имаме интересни информации за неа. Ќе ми простите доколку тоа не го споделам со вас.

Пред првите напади на Израел врз постројките за збогатување ураниум, на 13 јуни, Иран го рафинираше ураниумот до чистота од 60%, мал чекор во однос на приближно 90%, што е квалитет за бомба и е далеку над ограничувањето од 3,67%, наметнато со нуклеарниот договор од 2015 година, до кој Иран се придржуваше сè додека американскиот претседател Доналд Трамп не се повлече од договорот во 2018 година

Поврзани содржини