МНОГУ ПОЛИТИКА И МАЛКУ ИСТОРИЈА ВО ПРОСЛАВАТА НА ДЕНОТ НА ПОБЕДАТА Дали сте знаеле зошто едни го слават на 8 мај, а други на 9 мај?

Освен фактот што земјите на Европската Унија го форсираат Денот на Европа, а Русија на Денот на победата над фашизмот, потпишувањето на капитулацијата на Германија во Втората светска војна е проследена со интересни компликации, главно од техничка природа.

904

Земјите од Европската Унија и некои други европски земји го одбележаа Денот на победата над фашизмот на 8 мај, додека Русија и некои други земји го слават на 9 мај, денеска.

Денот на победата над фашизмот се слави во чест на денот кога нацистичка Германија се предаде во Втората светска војна во 1945 година. Годинава се навршуваат 77 години од крајот на Втората светска војна и 72 години од покренувањето на иницијативата за создавање на Европската унија.






Денеска, на 9 мај, европските земји го слават Денот на Европа, бидејќи во земјите на ЕУ, Денот на Европа е од особена важност, како ден кој означи пресвртница во односите меѓу европските земји и го отвори патот за создавање заедница на држави на тој континент. Но, во Русија фокусот е на прославата на Денот на победата над фашизмот.

Што потпиша генералот Јодл во Ремс, Франција?

Има ли историска основа оваа разлика од само еден ден во одбележувањето на Денот на победата над фашизмот? Верувале или не, има.

Претставниците на Третиот рајх го потпишале документот за безусловна капитулација веќе на 7 мај 1945 година во Ремс, град на североистокот на Франција, каде што била командата на западните сојузници на чело со американскиот генерал Двајт Ајзенхауер.

Со оглед на тоа дека германскиот фирер Адолф Хитлер се самоубил неколку дена претходно, документот бил потпишан од генералот Алфред Јодл, во име на германската држава и на германската армија. Советскиот генерал Иван Суслопаров, американскиот генерал Волтер Бедел Смит и францускиот генерал Франсоа Севез ставиле своите потписи под Јодлов како сведоци. Капитулацијата имплицирала дека германските копнени, воздушни и поморски сили ќе ги прекинат сите воени операции на 8 мај 1945 година во 23 часот и 1 минута.

Не беше по волјата на Сталин

На ова се спротивстави советскиот лидер Сталин, водачот на земјата која даде најмногу жртви во Втората светска војна.

Сталин рекол дека документот бил потпишан од советски командант кој не бил овластен да го стори тоа. Од друга страна, тој одлучно барал Германците да ја потпишат капитулацијата на тлото на Германија и тоа токму во главниот град Берлин.

Со ова се согласиле западните сојузници, па за следниот ден било закажано ново потпишување, на 8 мај, во зградата на командата на Црвената армија во областа Карлхорст во Берлин. За тоа да се случи пред предвиденото време кога Германците се обврзале да го положат оружјето (на 8 мај во 23 часот и 1 минута), било договорено церемонијата на потпишување да почне во 22 часот и 43 минути.

Овој пат Советскиот Сојуз го претставуваше прославениот командант маршал Жуков, а Третиот рајх фелдмаршалот Вилхелм Кајтел. Во име на западните сојузници потпишале британскиот маршал Артур Тедер и американскиот генерал Карл Спац. Иако Советите не го предвиделе тоа, на крајот му дозволиле на францускиот генерал Латре де Тасињи да го стави својот потпис на документот.

Поголем проблем било усогласувањето на текстот на капитулацијата, бидејќи советската страна инсистирала на некои одредби кои ги немало во документот потпишан во Ремс.

Не може без компликации

Откако сѐ било искоординирано, можело да започне формалната церемонија на потпишување. Но, во тој момент веќе поминало полноќ и веќе било 9 мај, а во документот било наведено дека капитулацијата ќе стапи на сила на 8 мај во 23:01 часот. Бидејќи не можело да се промени договорениот рок, потписите биле застарени, т.е. официјално било соопштено дека потпишувањето е завршено кога било закажано, во 22 часот и 43 минути, 8 мај.

Но, зошто Денот на победата во денешна Русија сепак се слави на 9 мај? Причината е едноставна, поради временската разлика. Имено, германската капитулација стапи на сила на 8 мај во 23:00 часот, но по средноевропско време. Поради временската разлика од 1 час, во Москва веќе било 9 мај.

Уште неколку „ситници“…

Најважно е што Германците сепак го почитуваат тоа што го потпишале, па на 8 мај 1945 година официјално завршила Втората светска војна на европско тло. На Алфред Јодл и на Вилхелм Кајтел им било судено во Нирнберг. И двајцата биле прогласени за виновни за воени злосторства и злосторства против човештвото и беа обесени на ист ден, на 16 октомври 1946 година.

Уште еден куриозитет. И некои Срби денес го слават Денот на победата на 8 мај. За тие луѓе, претежно четнички и монархистички настроени, 8 мај е Ден на победата, бидејќи тогаш на Равна Гора се случило Третото српско востание под раководство на генерал Драгољуб Дража Михаиловиќ.

Секој си има своја верзија на историјата…

Поврзани содржини