МНОГУ ОГРАНИЧУВАЊА ЗА СУБВЕНЦИОНИРАЊЕТО ПРИДОНЕСИ НА ПЛАТА Оваа мерка ќе им донесе покачување на мал број вработени

Експертите велат дека владата со последниот пакет антикризни мерки, наместо системски да работи на подобрување на општиот стандард, се одлучила да влијае врз стандардот на дел од граѓаните во изборен процес, односно се определи за изборен поткуп наместо за подолгорочно подобрување на стандардот.

1,477

Само активни компании од угостителството, текстилна индустрија и градежништво од 1 јануари ќе можат да користат ослободување од делот од придонесите за зголемувањето на платите на вработените. Оваа мерка нема да можат да ја користат компаниите кои имаат просек на плата по работник за месеците август септември и октомври  повисок од нивото на просечната плата, ниту, пак, оние кои ќе ги зголемат платите помалку од 3.000 денари. Останатите компании од приватниот сектор и во јавниот сектор воопшто нема да можат да ја користат оваа владина мерка.

Ова го предвидува предлог-законот кој ја покрива владината мерка за ослободување од плаќање на дел од придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата. Законот е на дневен ред на денешната седница на Собранието. Законот ќе се применува од 1 јануари до 31 декември 2024 година.






Бизнисмените велат дека токму ограничувањата кои ги ставила владата во предлог-законот се причина многу мал број работници да добијат зголемување на платите. Синдикатите прашуваат кои работници ќе бидат вклучени во оваа мерка, ако според законот, нема работници кои земаат плата под утврдената минимална плата чиј збир од 3 месеци (60.500 денари) е повисок од просечната плата или 1,5 просечни плати на ниво на држава. Тие се сомневаат дека оваа мерка е наменета само за компании кои работат во „сива зона“.

Експертите, пак, додаваат дека владата преку последниот пакет антикризни мерки во кои влегува и оваа, наместо системски да работи на подобрување на општиот стандард се одлучила да влијае на стандардот на дел од граѓаните во изборен процес и со тоа се определија за изборен поткуп наместо за подолгорочен процес на подобрување на стандардот во државата.

Што предвидува предлог законот за ослободување на делот од придонесите?

Според законот, од делот од придонесите ќе бидат ослободени компаниите кои ќе им ја зголемат нето-платата на работниците од најмалку 3.000 денари до најмногу 9.000 денари. Притоа компаниите не се ослободени од зголемувањето на бруто-плата, за делот со кој нето-платата се зголемува до 3.000 денари и делот со кој нето-платата се зголемува над 9.000 денари.

Како референтен период за зголемување на платите се сметаат 3 последователни месеци односно август, септември и октомври 2023 година, но само ако работникот нема отсуство од работа поради привремена спреченост од работа, без оглед на часовите поминати на работа.

За основна плата при зголемувањето се смета просечната месечна нето-плата без исплатените надоместоците за плата, која компанијата ја исплатила во период од трите споредбени месеци, утврдена на денот кога прв пат се остварува ослободувањето.

„Како зголемување на платата се смета разликата меѓу пресметаната нето-плата за месецот за кој се побарува ослободување на дел од придонесите и референтната основна плата исплатена од обврзникот во референтниот период“, се наведува во законот.

Ослободување на дел од придонеси може да користи компанија само за работник кој бил социјално осигурен во сите месеци од референтниот период и само за зголемувањето на платата како разлика меѓу пресметаната нето-плата за месецот за кој се побарува ослободување на дел од придонеси и референтната основна плата исплатена од компанијата во трите референтни месеци.

– Компанијата може да побара ослободување од дел од придонеси само за работник на кој му е исплатена нето-плата до ниво на просечна месечна плата на национално ниво споредена со исплатена нето-плата за три последователни месеци кои претходат на месецот за кој обврзникот прв пат добива ослободување на дел од придонесите за определен осигуреник. При уплата на придонесите компанијата не треба да го уплати делот од придонесите за кој се ослободува – се наведува во предлог законот.

Во законот се наведуваат точно кои се социјалните придонеси за кои се добива ослободување – придонесите за пензиско и инвалидско осигурување врз основа на тековна исплата, задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, здравствено осигурување, стаж на осигурување кој се смета со зголемено траење, и осигурување во случај на невработеност.

Ослободување на дел од придонеси може да користат само активни компании, односно оние кои не се во постапка на стечај или ликвидација или постапка на бришење и немаат доспеани обврски по основ на бруто-плата до денот на побарување на ослободување на дел од придонесите.

Во законот се нагласува дека корисници на оваа владина мерка се само приватните компании, а не и компании од јавниот сектор.

Контрола на користење на оваа владина мерка и исполнувањето на условите ќе врши Управата за јавни приходи која го намалува износот на уплатата за придонесите за кои се ослободува компанијата и која определува и знак на препознавање кој треба да го користи компанијата за работниците на кои им се зголемиле платите соодветно на мерката.

Со мерката ќе бидат опфатени мал број работници

Бизнисмени и економисти велат дека со оваа антикризна мерка ќе бидат опфатени многу мал број работници бидејќи владата определила две ограничувања.

– Владата определи висока граница за најниско зголемување на платите од 3.000 денари и највисоко зголемување од 9.000 денари. Со тоа избегна да ги опфати со мерката компаниите кои ќе ја зголемат платата за помалку од 3.000 денари, бидејќи со оглед дека инфлацијата се намалува, бизнисот нема да исплаќа повисоко зголемување на плати од 10% во текот на следната година. Дополнително со овој закон се утврдува и уште една граница, а тоа е дека зголемувањето на платите не смее да биде повисоко од нивото на просечната плата. Според овие параметри многу мал број од работниците ќе бидат опфатени со оваа владина мерка – вели Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи.

Тој смета дека многу повеќе вработени ќе биле опфатени со оваа мерка ако владата одредеше најнискиот износ на зголемување на платата да биде 1.000 денари.

– Ваква мерка имавме и во ковид-кризата, кога најнискиот износ на зголемување на платите беше 600 денари. За да биде мерката поуспешна и да им биде исплатено зголемување на повеќе работници би требало најнискиот износ на зголемување да биде 1.000 денари. Поради очекуваната пониска инфлација во 2024 година бизнисмените нема да сакаат да ги зголемат платите повеќе од 10%. Тоа значи дека најголемиот дел од нив нема да ги зголемат платите повеќе од  3.000 денари и нема да ја користат оваа мерка. Но, се чини владата се пресмета, да има мерка, но таа да нема големо влијание на приливот од придонеси во касите на државата и фондовите или да има мерка заради мерка  – вели тој.

Димитров смета дека оваа мерка може да се нарече и неуставна бидејќи ги дискриминира работниците.

– Со самото тоа што се утврдува кои сектори ќе бидат опфатени, а кои не како и со тоа што се лимитира износот на зголемување на плати и нивото на зголемена плата, се дискриминираат дел од работниците и тоа може да биде причина за иницијатива пред Уставен суд – вели Димитров.

Од синдикатот на текстил сметаат дека условите за добивање субвенции на придонесите на плати се високи и го намалуваат бројот на работници кои ќе добијат покачување во текстилниот сектор.

– Слушнав дека вицепремиерот Фатмир Битиќи  рече дека просекот од трите плати на работникот, добиени во трите референтни месеци, не треба да биде повисок од 1,5 месечни плати. Ако работникот зема минимална плата (20.175 денари) тогаш збирот е 60.525 денари. Последниот просек на плата е околу 39.000 денари. И ако биде 1,5 просечни плати тогаш тој збир е 58.500 денари. Тогаш овие работници нема да можат да добијат зголемување на платата. Ако, пак, владата досега дозволувала да се исплаќаат плати под минималната тогаш отворено треба да каже кого ќе субвенционира. Според тоа овие субвенции не се однесуваат на формалниот сектор, туку на компаниите од неформалниот сектор кои и досега беа привилегирани – вели претседателот на Синдикатот на текстилната и кожарската индустрија Љупчо Радовски.

Тој смета дека владата треба да им обезбеди поволни кредити на компаниите за да можат го осовременуваат производството и да можат да исплаќаат повисоки плати, а работниците да ги субвенционира зависно од потребите, односно оние кои се најзагрозени.

Професорот Здравко Савевски смета дека мерката главно е во функција на изборите и може да се смета за изборен поткуп на граѓаните, но смета дека е добра за дел од тие на кои ќе им се подобри стандардот, а лоша за општиот стандард.

– Секоја мерка која ќе придонесе за подобрување на стандардот на работниците е добра, иако оваа се однесува само на дел од нив, но сметам дека наместо една ваква мерка на државата ѝ се потребни системски решенија кои ќе го подобрат општиот стандард во државата и ќе ја вратат довербата на граѓаните во системот. Мислам дека за мерките од последниот пакет ќе се потрошат 600 милиони евра. Овие пари државата можеше да ги потроши за друга намена, односно за подобрување на опремата во здравството, за подобрување на железницата, за реновирање на детски одморалишта и слично. Значи за општото добро и благосостојба на сите граѓани. Но, владата се одлучи да инвестира во одредена категорија граѓани иако со тоа не го решава долгорочно и нивниот проблем на подобар стандард, туку ќе ги ангажира да ја поддржат на изборите кои претстојат зашто секое трошење пари за вакви мерки во изборна година може да се смета за поткуп на гласачкото тело. Ова не дава резултати на подолг рок за што се залагам како и не носи системско решавање на проблемот со нискиот стандард воопшто во државата – вели Савевски.

Владата не знае колку работници ќе ја користат мерката

При донесување на мерката, владата не изнесе пресметки за тоа колку од работниците ќе добијат повисоки плати со оваа мерка, ниту каков би можел да биде одѕивот на компаниите.

Со овој закон, како што е образложено од предлагачот, Министерството за труд и социјална политика, се стимулира зголемување на платите на вработените, како и намалување на трошоците за работната сила на работодавачите.

Втора цел која треба да се постигне со оваа мерка, според владата, е намалување на даночната евазија и неформалната економија, со цел да се подобри економскиот стандард на вработените и да се поттикне економскиот развој.

За време на ковид-кризата ваквата мерка, која беше со понизок лимит на зголемување (од 600 до 6.000 денари) и за 3 години  ја користеа 22.000 компании, а беа зголемени платите на 119.000 вработени.

Поврзани содржини