Многу македонски магариња и липицанери со години комотно живеат од европски пари

 Крадењето пари од европските фондови најчесто се случува далеку од очите на јавноста, нетранспарентно, неотчетно, со клиентилистички и коруптивни манири. Време е за тоа отворено да се проговори.

10,698

Иако имам скромно искуство на користење грантови од странски фондации за покренување успешни медиумски проекти кои подоцна станувале самоодржливи („Дневник”, Плусинфо, „Слободен печат”), многу добро ја познавам „политиката” на грантирање проекти во хибридни режими каков што е овој нашиов, македонскиов.

На мое огромно разочарување,  западните амбасади и локалните подружници на големите странски фондации, со мали и чесни исклучоци, како по правило, преферираат неамбициозни, тивки и лоу-профајл апликанти, кои умеат своите проекти да ги “спакуваат” во убави фрази и да ги опремат со солени буџети. Неколку такви и медиумски проекти, на пример, беа потпомогнати со стотици милиони евра од странски извори, а никој од нив не оствари ни позначајно влијание во јавниот живот, ниту пак постигна самоодржливост.

Во принцип, овој „систем” на трошење пари од странските даночни обврзници е манипулативен и неговата цел е создавање на зависници од странска помош (support adicts). Поентата е во тоа влијанието на “зависниците” во граѓанскиот сектор да се трансформира во поддршка за политичките субјекти коишто се таргетирани од странските добротвори.

Пред четири години таквиот „систем” на алокација на овие ресурси пресудно придонесе за паѓање на тогашниот режим на Никола Груевски, по што многу невладини активисти и корисници на пари од странски фондации едноставно продолжија со поддршка на своите избраници во секторот на политиката. И затоа денес речиси целиот граѓански и невладин сектор во Македонија, всушност, е отворено и активно провладин.

Начинот на грантирање, не само што не се менува, туку манипулацииите и суптилната корупција се продлабочуваат. Ете, викендов читавме како се трошеле европски пари за македонски проекти и предизвикан сум да изразам уште едно големо разочарување од скандалозните сознанија.

Читавме дека фирма чија основна дејност е фризерница добила 270.000 евра поддршка за некаков образовен проект. Потоа стаса „објаснување” дека фирмата „случајно” била регистрирана на иста адреса со некоја фризерница, со која наводно немала никаква врска. Но, потоа ни беа презентирани и нови факти, според кои  фризерницата во годината кога е доделен спорниот грант остварила профит од триесеттина илјади евра. Тука, ќе признаете, нешто опасно смрди!

Читавме и за по неколку десетици илјади евра од европски фонд, доделени на две училишта за неверојатно “креативни” проекти. Првиот е обука на наш кадар за тренирање магариња и липицанери во Хрватска, а вториот е обука на наши идни угостители за гостопримство, ама не кај нас, во традиционално гостопримливата Македонија, туку во хотел на Крит!?

Опозицијата во сево ова препознава голем скандал. Директорката Лидија Димова се брани и најавува тужби за клевета. И премиерот Зоран Заев бара детални информации. Европската комисија вели дека будно ги следи наводите и дека сите погрешно потрошени пари ќе мора да се вратат.

Дека станува збор за голем скандал, немам дилеми. Дека овие безобразлуци мора да завршат на суд, мора. Добро би било и јавен обвинител, по допрен глас, да ги засука ракавите, зашто наводите во јавноста упатуваат и на кривичнито дело перење пари. А дека луѓето од бирократозираната Европска комисија скандалот ќе го расплетуваат со бирократски методи, јасно е и тоа. Вакви бруки се веќе видени во многу земји апликанти или млади членки на ЕУ.

Она што ќе ни остане од оваа рашомонијада е пораката што во пресудни мигови ја испраќаме во Европа – и ние се научивме да крадеме пари од европските фондови!

Европа, всушност, не знае дека ние во Македонија од поодамна си имаме магариња и липицанери кои сосема комотно живеат од европски пари. И тоа најчесто се случува далеку од очите на јавноста, нетранспарентно, неотчетно, со клиентилистички и коруптивни манири.

Време е за тоа отворено да се проговори. Додека Заев ја подготвува нацијата за лошата вест дека Македонија можеби нема да ги почне преговорите за членство во ЕУ. По што, сигурен сум, ќе добиеме уште повеќе европски пари за крадење.

Поврзани содржини