ММФ НИ ОВОЗМОЖИ КРЕДИТНА ЛИНИЈА ОД 530 МИЛИОНИ ЕВРА Ова е добар сигнал, оценува Министерството за финансии
По финално одобрување на овој инструмент од страна на Бордот на ММФ, кое се очекува подоцна во текот на овој месец, на нашата земја веднаш ќе и бидат ставени на располагање 110 милиони евра за финансирање на буџетските потреби.
Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд даде зелено светло за доделување 530 милиони евра на Република Северна Македонија преку Кредитната линија за претпазливост во рок од 24 месеци – соопшти Министерството за финансии.
Спроед министерството, ова е големо признание за економските политики кои се спроведуваат во земјава, бидејќи Фондот овој финансиски инструмент го наменува само за земји со здрави економски фундаменти и со здрави политики.
По финално одобрување на овој инструмент од страна на Бордот на ММФ, кое се очекува подоцна во текот на овој месец, на нашата земја веднаш ќе и бидат ставени на располагање 110 милиони евра за финансирање на буџетските потреби и за полесно соочување со шоковите кои ги донесе енергетската и ценовната криза. Самата намена на инструментот е да пружи ликвидносна поддршка на здрави економии во време на шокови и кризи, каква што е тековната глобална ситуација.
„Во изјавата на мисијата на ММФ се дава признание и на заложбите на Владата за понатамошно спроведување на фискалната консолидација, како и реформите во јавните финансии, пред се новиот Закон за буџети и фискалните правила кои ќе придонесат во оваа насока. Пристапот до овој финансиски инструмент, испраќа силни сигнали од страна на ММФ за домашната економија на меѓународните пазари и инвеститори. Имено при одобрувањето, покрај позитивната оцена за економијата од последната мисија на Фондот во земјава, ММФ ги оценува и фискалната политика, монетарната политика, стабилноста и супервизијата на финансискиот сектор и соодветноста на податоците. Оваа линија значи доверба во економијата и политиките кои се спроведуваат во земјата“ – се вели во соопштението на Министерството за финансии.