МЛАДИТЕ ЛЕКАРИ ЌЕ ИМААТ ПОКРАТКИ СПЕЦИЈАЛИЗАЦИИ Алиу го менува системот, најавени големи реформи во здравството
Министерството за здравство и Медицинскиот факултет на УКИМ започнаа процес на реформи за подобрување на човечките ресурси и квалитетот на здравствените услуги.
Министерот за здравство, д-р Азир Алиу, денеска одржа работен состанок со деканот на Медицинскиот факултет при УКИМ, проф. д-р Светозар Антовиќ, и со шефовите на катедри, на кој главна тема била ревизијата и унапредувањето на системот на специјализации и супспецијализации во здравството.
Од Министерството информираа дека состанокот е дел од пошироки реформи со кои ќе се редефинираат постојните гранки на специјализација, ќе се скрати времетраењето на дел од нив и ќе се зајакнат пошироките специјализации, како што се интерна медицина и општа хирургија.
– Откако ја презедов министерската функција, еден од моите приоритети е унапредување на човечките ресурси, со цел усогласување со реалните потреби на здравствениот систем и подобрување на навременоста и квалитетот на услугите во секундарното и терциерното здравство – изјави министерот Алиу.
Со новите мерки, Министерството има цел да го надмине недостигот на специјалисти, да ја зголеми мотивацијата кај младите лекари и да го прилагоди системот на обука на современите потреби во здравствениот сектор.