МЛАДИТЕ ЌЕ ВЕЖБААТ ВО СОВРЕМЕНА САЛА Историски момент за жителите на Долно Лисиче

На поставувањето на камен-темелникот присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука Весна Јаневска, како и в.д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески.

437

Во подрачното основно училиште „Гоце Делчев“ во Долно Лисиче започна изградбата на првата спортска сала со површина од 650 м², со што над 200 ученици конечно ќе добијат соодветни услови за одржување на наставата по физичко и здравствено образование.

Станува збор за капитален проект финансиран од Владата преку Министерството за образование и наука, со вредност од речиси 32 милиони денари. Рокот за изведба на објектот е 10 месеци.






На поставувањето на камен-темелникот присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука Весна Јаневска, како и в.д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески.

– Ова е капитален и многу значаен проект за Долно Лисиче и целата општина. Конечно, нашите ученици ќе добијат простор каде што наставата ќе се одвива во современи услови, наместо во училници или на отворено – изјави Митески.

Салата ќе биде изградена според сите современи стандарди и, покрај наставата, ќе биде достапна и за спортски активности на жителите од населбата, кои досега за тренинг мораа да патуваат во други делови на градот.

Премиерот Мицкоски порача дека секој нов проект од ваков тип претставува вложување во подобар живот за граѓаните.

– Изградбата на вакви објекти значи создавање подобри можности за младите, развој на спортот и поголем квалитет во образованието – рече Мицкоски.

Министерката Јаневска додаде дека предметот физичко и здравствено образование е клучен за психофизичкиот развој на учениците.

– Министерството вложува околу две милијарди денари за реализација на триесетина капитални објекти. Со ова значително ја зајакнуваме образовната инфраструктура во земјава – изјави Јаневска.

Општина Аеродром најавува дека ќе продолжи со инвестирање во проекти што го унапредуваат квалитетот на живот на младите, затоа што, како што порача Митески, „здравата младина е нашата иднина“.

Поврзани содржини