МЛАДИНАТА НА АЛИЈАНСА ЗА АЛБАНЦИТЕ ОСТАНУВА ВО ВРЕДИ Претседателката на Младинскиот форум била растргната меѓу две страни

Претседателката на Младинскиот форум на Алијансата за Албанците (ФРАШ), Илка Нуредини, вели дека избрала да го следи својот глас наместо слепа лојалност и дека заменик-претседателот на Владата, Арбен Фетаи, е симбол на достоинствена и посветена политика која вреди да се поддржи.

271

Претседателката на Младинскиот форум на Алијансата за Албанците (ФРАШ), Илка Нуредини, на својот статус на социјалната мрежа Фејсбук објави дека ФРАШ избрал да застане и да дејствува на страната на Арбен Фетаи, бидејќи, како што се наведува, го смета за пример за тоа како доверливата позиција се носи со целосно достоинство и со непоколеблива посветеност на сите оние кои донесоа и сè уште веруваат дека промената вреди.

„Не е секогаш лесно да се бранат принципите, но секогаш е неопходно, дури и кога тоа значи да се остане надвор од структурите. Поминав низ тежок период соочувајќи се со чувствителна дилема. Едната страна бараше моја лојалност, другата го бараше мојот глас. Го избрав гласот без да ја негирам мојата благодарност кон оние што ме формираа и ме водеа. Го сакам мојот водач. Сите го сакаме, но љубовта не треба да нè заслепува за причината што нè направила дел од оваа партија. Избирам да не се повлекувам кога е најтешко. Младински форум на Алијансата за Албанците избира да застане, да зборува и да дејствува на страната на Арбен Фетаи, знаејќи дека тој е најзначајниот пример за тоа како доверливата позиција се носи со целосно достоинство и со непоколеблива посветеност на сите оние кои веруваа, донесоа и сè уште веруваат дека промената вреди“, рече Нуредини.






Заменик-претседателот на Владата, Арбен Фетаи, преку соопштение ја поздрави поддршката од младинските структури на Алијансата за Албанците за останување во коалицијата Вреди, нагласувајќи ја нивната клучна улога во политичките и во општествените процеси.

„Младински форум на Алијансата за Албанците (ФРАШ) – Срцето што силно чука во рамките на Алијансата за Албанците, продолжува со нас во Вреди! Младите на Алијансата за Албанците отсекогаш биле и остануваат најчистиот глас на идеализмот, непокорната сила на промената и на искрената совест на нашето движење“, се вели во соопштението од Фетаи.

Под водство со визија и со решителност од страна на Илка Нуредини, младинските структури на ФРАШ, се наведува, денес цврсто стојат на страната на довербата „што ни ја дадоа 107.000 граѓани – на страната на вистинската промена. Зашто промената не е само слоган: таа бара работа, посветеност и непоколеблива истрајност“.

„Оваа нова генерација, со јасен глас и со непокорлив став, не се продава и не е дел од пазарите на оние кои повеќе од 2 децении ги празнеа албанските домови, протерувајќи ја младината. Во една политичка реалност, што честопати е затворена и потрошена, ФРАШ избира да биде поинаков: храбар, гласен и достоинствен. Младите не се само иднината – тие се сегашноста, тие се силата што ја предводи промената. Тие не чекаат некој да им го отвори патот – тие сами го отвораат!“, соопшти Кабинетот на вицепремиерот Арбен Фетаи во врска со одлуката на ФРАШ.

Поврзани содржини