Активисти на иницијативата ,,СОС Валандово“ преку својата ФБ страница упатија апел до локалните компании да се солидаризираат со нив во новата донаторска акција за помош на социјално загрозените семејства во општина Валандово.
Младите активисти од Валандово ги повикуваат сите општествено одговорни компании и граѓани да се приклучат во хуманитарната донаторска акција за нивните сограѓани кои поради вонредната состојба, рестриктивните мерки и воведениот полициски час не можат да си ги дозволат основните продукти за преживување.
– Во овие тешки времиња за човештвото предизвикани од пандемијата на Ковид-19, нашата намера е да направиме што повеќе пакети со храна и хигиенски производи кои ќе ги дистрибуираме до најранливите социјално загрозени семејства во општина Валандово поради што ги повикуваме да ни се придружат сите компании и граѓани кои имаат можност да донираат за најзагрозените наши сограѓани – се вели во апелот на иницијаторите.
Главниот пункт за собирање на донациите ќе биде во Валандово, во кафе бар ,,Легионер“ секој работен ден од 10 до 14 часот, а донации ќе се собираат и во маркетите и продавниците низ населените места Пирава, Јосифово, Удово, Грчиште, Марвинци, Балинци и Брајковци.