МЛАДАТА ПОПУЛАЦИЈА НА УДАР НА ДЕЛТА СОЈОТ Министерството за здравство апелира младите да се вакцинираат

Од Министерството за здравство велат дека ниската стапка на вакцинација во рамки на младите групи е она што, за жал, е причина сè поголем број на заразени да бидат токму младите, кои доколку не се имунизирани можат да развијат тешка форма на болеста, која, пак, може да доведе до хоспитализација, а некогаш и до смртен исход.

389

Министерството за здравство (МЗ) апелира младите да се вакцинираат, бидејќи  во овој бран на пандемијата со ковид-19  е  намалена старосната граница на заразени од коронавирус кои развиваат тешка клиничка слика на болеста. Тоа, велат од Министерството го потврдуваат анализите во светот и Европа како и анализата направена во Израел.

– Меѓу последно евидентираните хоспитализиции и смртни случаи предизвикани од компликации на ковид-19 во земјава има сè повеќе млади лица, кои се на удар и во најголем ризик во четвртиот бран на пандемијата предизвикан од делта мутацијата на вирусот. Ниската стапка на вакцинација во рамки на младите групи е она што, за жал, е причина сè поголем број на заразени да бидат токму младите, кои доколку не се имунизирани можат да развијат тешка форма на болеста, која, пак, може да доведе до хоспитализација, а некогаш и до смртен исход – велат од МЗ.






Од Министерството наведуваат дека недоволно високиот степен на имунизација, особено кај младата популација, е причина и за сè поголемиот број на хоспитализации и во светски рамки.

– Потпирајќи се на природниот имунитет и добрата здравствена состојба, младите лица ја одбиваат или пролонгираат имунизацијата, со што се изложуваат на значително висок ризик од инфекција, а во случај на заразување сè почесто развиваат и тешки симптоми и компликации, бидејќи не се соодветно заштитени – велат од МЗ.

Оттаму се повикуваат и на податоците  од Израелската ЕКМО Асоцијација кои покажуваат дека сите хоспитализирани, критично болни пациенти кои се приклучени на апарат за животна поддршка во земјата се помлади од 60 години и без примена вакцина.ЕКМО технологијата (екстракорпорална мембранска оксигенација) во Израел се користи во особено критични случаи на коронавирус од почетокот на пандемијата, а во моменталниот, четврт бран на ковид-19, од вкупно 31 невакцинирано лице приклучено на ЕКМО апарат, петмина починале, сите под 60-годишна возраст.

– Од друга страна, шест пациенти третирани со ЕКМО, кои ја надминуваат старосната граница од 60 години, а кај кои се евидентирани и други здравствени нарушувања, успешно се опоравиле од инфекцијата со Ковид-19, бидејќи биле имунизирани четири до шест месеци пред хоспитализацијата – велат од МЗ.

Според претседателот на Асоцијацијата, Јигал Касиф, овие податоци се доказ дека невакцинираните пациенти страдаат од посериозни симптоми на Ковид-19, а младата популација која не е вакцинирана е особено подложна на развивање тешки симптоми од делта варијантата на вирусот.

Податоците и за Европа, велат оттаму, говорат дека бројот на хоспитализации и пациенти со смртен исход е зголемен кај помладите, невакцинирани лица.

– Во Англија, скоро две третини од смртните исходи предизвикани од делта варијантата се забележани кај пациенти под 50-годишна возраст кои не биле вакцинирани. Од вкупниот број хоспитализации пак, 74 отсто од истата старосна група биле без примена вакцина, покажуваат податоците од Англискиот национален институт за јавно здравство. Речиси сите региони во Шведска пријавиле зголемен притисок врз болниците заради рапидното зголемување на случаите предизвикано од ширењето на делта варијантата на вирусот. Според податоците, мнозинството на нови хоспитализации се забележани кај лица кои не се вакцинирани или примиле само една доза против вирусот, односно не развиле целосен имунитет кој се добива по примање на двете дози на вакцината – наведуваат од МЗ.

Оттаму додаваа и дека здравствените работници во светски рамки се едногласни дека масовното ширење на делта варијантата и големиот број на инфицирани можат да се стават под контрола, доколку процентот на вакцинирано население се зголеми, особено меѓу младата популација кадешто трансмисијата на вирусот е најголема.Вакцинацијата останува најефикасна заштита од заболување, развивање тешка форма на болеста, хоспитализација и смрт, а колективниот имунитет е единствениот начин да се победи пандемијата.

Поврзани содржини