МЛАДАТА БАЛЕРИНА ВИОЛА ИМЕРИ ЌЕ ОДИ НА ПРОФЕСИОНАЛЕН ПРЕСТОЈ ВО ПАРИЗ Единствена можност за добитничката на наградата „Роксан Стојанов“

Овој престој е дел од наградата „Роксан Стојанов“, востановена со цел да им овозможи на младите балетски и танцови уметници реална професионална поддршка, меѓународно искуство и директен контакт со врвни уметници и институции. Првото издание на натпреварот се одржа на 18 април 2026 година, на сцената на Македонскиот народен театар

5

Победничката на првото издание на националната награда „Роксан Стојанов“, во организација на Интерарт културниот центар и Францускиот институт во Скопје, младата балетска уметница Виола Имери, од 3 до 12 јули 2026 година ќе престојува во Париз, заедно со нејзината менторка Дафина Данилоска Кочевска.

Патувањето, престојот и професионалната програма се организирани од Интерарт културниот центар, Францускиот институт и Амбасадата на Франција во Скопје, со поддршка на Амбасадата на Република Северна Македонија во Париз, Божиновски часовници и Фондација Божиновски.






Овој престој е дел од наградата „Роксан Стојанов“, востановена со цел да им овозможи на младите балетски и танцови уметници реална професионална поддршка, меѓународно искуство и директен контакт со врвни уметници и институции. Првото издание на натпреварот се одржа на 18 април 2026 година, на сцената на Македонскиот народен театар, во рамки на отворањето на 22. издание на Танц фест Скопје.

Натпреварот и наградата „Роксан Стојанов“ се одржуваат под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. На натпреварот учествуваа 13 селектирани млади уметници, а во финалето настапија 5 финалисти: Виола Имери, Антонија Атанасова, Јана Кепевска, Мила Николова и Теа Серафимов.

Жири-комисијата беше составена од Роксан Стојанов, ѕвезда на Париската опера, Антонио Конфорти, солист на Париската опера, Сандра Мијалкова, примабалерина на Националната опера и балет, Кристоф ле Риголер, амбасадор на Франција и проф. д-р Рисима Рисимкин, кореографка и уметнички директор на натпреварот. Првото место ѝ беше доделено на Виола Имери, второто место на Антонија Атанасова, а третото место на Јана Кепеска.

Антонија Атанасова и Јана Кепеска, како второ и третонаградени учеснички, добија дипломи и стипендии за учество на СИД кампот, кој ќе се одржи од 17 до 23 август 2026 година во Скопје, со што наградата продолжува да отвора можности и за поширока група млади танцови уметници.

Програмата за Виола Имери во Франција е подготвена од Роксан Стојанов и нејзиниот тим. Веќе на почетокот на престојот таа ќе отпатува во Евиан, каде што на 5 јули ќе има можност да настапи во рамки на Rencontres musicales d’Évian (Музичките средби во Евиан), во програмата „Танц и музика“, заедно со Роксан Стојанов.

Во Париз, Виола ќе учествува на програмата на Балетската школа на Париската опера, каде што ќе посетува часови по класичен балет со Стефан Булион, современ танц, џез, јога и репертоар со Мириел Але. Програмата вклучува и посета на претстави во Пале Гарние, Театар де ла Вил и Опера Бастиља, како и ден посветен на запознавање со секојдневието на една ѕвезда на Париската опера, средба со Роксан Стојанов и присуство на проби.

Предвидени се и посета на Пантеон, посета на Версај, можност за следење на претставата „Марија-Антоанета“ на Маланден Балет Бијариц во Кралската опера во Версај, како и интервју со француската новинарка Валери Гаже од Франс Инфо.

Во рамки на престојот планирани се средби и вмрежување со личности од светот на балетот и културата, како и средба со Роксан Стојанов и македонскиот амбасадор во Франција, Игор Николов. Ова искуство претставува значаен чекор за младата уметница, но и важен пример за тоа како преку соработка меѓу културни институции, дипломатски претставништва, мецени и професионалци од уметничката сцена, младите таленти можат да добијат конкретни можности за меѓународен развој.

Дафина Данилоска Кочевска, менторка на Виола Имери вели дека од срце се заблагодарува за заложбата и целокупната организација на натпреварот „Роксан Стојанов“.

– Навистина беше на завидно ниво. Заедно нè доближивте до остварување на еден сон. Ова е непроценливо искуство кое во иднина ќе го одреди патот на Виола и ќе ѝ помогне да стигне онаму каде што навистина заслужува да биде. Фестивалот во Евиан за нас претставува предизвик кој со драго срце го прифаќаме. Честа и задоволството се неизмерни – едноставно нема зборови кои би го опишале чувството – вели таа.

Професорката Рисимкин вели дека наградата „Роксан Стојанов’“ е создадена со јасна мисија – да им даде поддршка на младите танцови уметници во моментот кога таа поддршка може да биде пресудна за нивниот понатамошен професионален пат.

– Заминувањето на Виола во Париз е потврда дека оваа награда не е само признание, туку вистинска можност за учење, искуство, инспирација и отворање нови врати – вели уметничката директорка на натпреварот, Риисмкин.

Со овој престој, Виола Имери ќе има можност да настапи, да учи, да гледа врвни продукции и да се поврзе со уметници и професионалци од една од најзначајните балетски средини во Европа. Истовремено, нејзиното патување претставува силна порака до сите млади танцови уметници во земјата: посветеноста, талентот и трудот можат да донесат реални можности и меѓународни перспективи.

Интерарт културниот центар, Францускиот институт и Амбасадата на Франција им изразуваат огромна благодарност на сите партнери и поддржувачи кои ја овозможија реализацијата на овој престој: Амбасадата на Република Северна Македонија во Париз, Божиновски часовници и Фондација Божиновски.

Поврзани содржини