МЛАДА ЖЕНА ПОЧИНАЛА ОД МОЗОЧЕН УДАР ПО ВАКЦИНАЦИЈА СО ЏОНСОН И ЏОНСОН Инфектолози бараат привремено да запре имунизацијата
Но ова е така трагичен случај и сметам дека во овој момент не би требало повеќе да ризикуваме и таа вакцина повеќе да не ја користиме, иако ставот на Европската агенција за лекови и повеќе земји кои ја користат таа вакцина е поинаков. Јас сум за привремено запирање со примената, додека оваа ситуација не се анализира, вели водечкиот словенечки инфектолог Бојана Беовиќ.
Словенечката Влада ќе купи од Унгарија големо количество вакцини од произведувачот Џонсон и Џонсон, додека некои сметаат дека треба да се откажат од аплицирање на таа вакцина додека не се расветли случајот на 20-годишната девојка која починала две недели по вакцинацијата, пренесува хрватски Индекс.
Повикувајќи се на неофицијални извори во Клиничкиот центар во Љубљана, Словенечката телевизија објавила дека таа починала од последици од мозочен удар. Од болницата првин ја демантирале информацијата, потврдувајќи дека таа е во критична состојба, но во средата потврдиле дека дошло до смрт во утринските часови.
-За жал можам да потврдам дека битката за нејзиниот живот неуспешно заврши – изјавил за новинари Игор Ригер, шеф на службата за ургентна неврологија во Клиничкиот центар во Љубљана и додал да сè уште точно не може да се каже дали има поврзаност со вакцинацијата на починатата.
За тоа стручно мислење ќе донесе посебно тело во министерството за здравство. Тоа тело пред неколку месеци потврдило дека смртта на младата жена, сопруга на словенечки дипломат која во јули била вакцинирана со Џонсон и Џонсон, била поврзана со вакцинацијата, по што таа добила тромбоза, а на крај и мозочен удар, кој предизвикал смрт.
Според истражувањата, тешки последици по вакцинација со векторска вакцина се ретки, можеби еден случај на 100.000 вакцинирани, пренесуваат словенечките медиуми.
Со вакцината Џонсон и Џонсон која се аплицира само во една доза, во Словенија досега се заштитени околу 120.000 луѓе, најмногу по Фајзер/Бионтек и АстраЗенека.
Во реакција за трагичната смрт на младата жена по вакцинацијата, инфектологот Бојана Беовиќ изјавила дека примената на таа вакцина привремено треба да се прекине, но дека тоа е нејзино лично мислење.
-Вакви трагични случаи се појавуваат еден на милион вакцинирани и нешто такво не очекувавме, за тоа немаше никакво сериозно предупредување. Но ова е така трагичен случај и сметам дека во овој момент не би требало повеќе да ризикуваме и таа вакцина повеќе да не ја користиме, иако ставот на Европската агенција за лекови и повеќе земји кои ја користат таа вакцина е поинаков. Јас сум за привремено запирање со примената, додека оваа ситуација не се анализира – вели Беовиќ.
Тоа ја доведува во прашање одлуката на словенската Влада, која вчера потврди дека договара купување на 100.000 дози вакцини од Џонсон и Џонсон од Унгарија.