МЛАДА ПОЛИТИЧАРКА УБИЕНА СРЕД БЕЛ ДЕН Еквадор во канџите на насилството и криминалот
Претседателот на Еквадор,Даниел Нобоа пред две недели прогласи вонредна состојба и војна против бандите, овластувајќи ја војската да дејствува против нив.
29-годишната еквадорска политичарка Дијана Карнеро е убиена среде бел ден пред толпа луѓе, само неколку моменти по завршувањето на состанокот, пишува Мирор.
Карнеро претседавала со состанокот на Советот во градот Наранџал во средата попладне и снимала видео за лошите услови на патиштата кога била нападната.
Двајца осомничени и пришле со мотор, ја застрелале во главата и побегнале, соопшти полицијата. Националното обвинителство на Еквадор најави дека ќе отвори истрага, но засега не ги откриле сторителите.
Дијана Карнеро беше претставничка на партијата Демократски социјалисти, а од неа со пораки на социјалните мрежи се простија многу колеги.
„Дијана имаше само 29 години, сочувство до семејството. Ова е ноќна мора и срам за целата земја“ – напиша поранешниот еквадорски претседател Рафаел Кореа.
Еквадор е во канџите на криминалот поврзан со банди и трговци со дрога во последниве години. Еквадорците се загрижени дека насилството само ќе ескалира во земјата, каде минатата година беше убиен претседателски кандидат. Пред две недели, претседателот Даниел Нобоа прогласи вонредна состојба и војна против бандите, овластувајќи ја војската да дејствува против нив. Многу луѓе остануваат дома, а училиштата и продавниците се затворени додека војниците патролираат по улиците на најголемите градови во Еквадор.
Во последниве години во Еквадор беа убиени најмалку четворица високи еквадорски политичари.