МИЖИ АСАН ДА ТИ СМЕНАМ МОДЕЛ Големите партии бегаат од една изборна единица како ѓавол од крст
Воведувањето една изборна единица ќе им вбризга бустер доза на помалите политички партии, односно значително ќе им ги зголеми шансите да освојат пратеничко место во Собранието. Но, иако на прв поглед не изгледа така, сепак, ова сценарио воопшто не им се допаѓа на поголемите политички партии, кои ќе направат сѐ за да го минираат предлог-законот, проценуваат политичките аналитичари.
Ниту на големите партии од власта, ниту на големите партии од опозицијата им одговара да се воведе една изборна единица на територија на целата држава и шансите да се случи такво нешто во брзо време се скоро никакви.
Ваков е ставот на политичките аналитичари со коишто разговараше Плусинфо откако Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците вчера во прва фаза го поддржа предлогот на помалите партии за избор на пратеници според пропорционален модел, без изборен праг, со Донтов модел на распределба на мандатите, при што државата би била една изборна единица.
Според нашите соговорници, иако големите партии декларативно прифаќаат една изборна единица, сепак, тие се подготвени да направат сѐ што е потребно само за да не се реализира тоа сценарио. Како што објаснуваат аналитичарите, со воведувањето една изборна единица, големите партии би загубиле еден до двајца пратеника, додека, пак, помалите партии би се офајдиле со еден, двајца, па и тројца пратеници.
Кој не сака колач?
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски смета дека шансите за воведување една изборна единица се помалку од никакви.
Големите партии со сигурност ќе загубат еден до двајца пратеници, но помалите партии како Левица, на пример, со сигурност ќе добијат двајца до тројца пратеници. Тоа значи дека Собранието ќе биде шаренолико, а владата ќе биде уште понестабилна.
– Апсолутно не верувам дека ќе направат една изборна единица, затоа што оваа работа се актуелизира во моменти кога е разнишано парламентарното мнозинство. Ниту на власта, ниту на опозицијата им одговара да има една изборна единица затоа што, ако ги погледнеме резултатите од последните избори, разочарувањето на граѓаните од едните и од другите е огромно. Во таа насока, со воведување една изборна единица, помалите политички партии најмногу би добиле, а тоа значи дека би имале многу нестабилна влада, односно влада во која ќе бидат вклучени многу партии. Кога имате влада со многу партии, тоа значи дека секој може да прави сѐ што ќе посака и може постојано да ве уценува. Затоа, моето мислење е дека нема да има една изборна единица, оти големите партии сѐ уште не се подготвени да се откажат од колачот – објаснува Пекевски.
Декларативно, додава тој, сите политички партии, вклучително и големите, прифаќаат една изборна единица, а од друга страна, го молат Господ да не се случи такво нешто.
– Големите партии не само што не се подготвени за да прифатат една изборна единица, туку воопшто не сакаат да биде воведена една изборна единица. Оти, тие се свесни дека многу ќе загубат. А која е поентата некој свесно да губи од својата моќ? Ако се воведе такво нешто, тогаш големите партии со сигурност ќе загубат еден до двајца пратеници, но помалите партии како Левица, на пример, со сигурност ќе добијат двајца до тројца пратеници. Тоа значи дека Собранието ќе биде шаренолико, а владата ќе биде уште понестабилна – посочува Пекевски.
ВМРО-ДПМНЕ нема ништо против, СДСМ бара широк консензус
Колку е апстиненцијата поголема, толку поголеми се шансите со помалку гласови да се влезе во Собранието, вели универзитетската професорка и пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова.

– Помалите политички партии во земјава бараат една изборна единица. А зошто бараат? Затоа што кога имаме една изборна единица, тогаш пропорционалниот систем е најпропорционален или најрепрезентативен. Зошто? Затоа што гласот има една тежина на целата територија. Нивната идеја, особено идејата на т.н. мали етнички заедници и мали политички партии, е да им се вреднува гласот оти ние имаме т.н. Донтова техника. Некаде ќе ви речат дека оваа техника е лек против фрагментацијата. Поради тоа што секогаш има остаток од гласови, никогаш не се добиваат 4 мандати, а остатокот на гласови оди кај големите партии. Зошто? Како антифрагментационен инструмент. Да речеме Германија има мешовит изборен систем, 50 отсто од Бундестагот се избира по мнозински, а 50 отсто по пропорционален ама сепак има изборен праг од 5 отсто. Зошто? За да нема многу партии во Парламентот – појасни Силјановска-Давкова.
И нејзината колешка Дафина Стојаноска, која е член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, потврди дека најголемата опозициска партија во земјава е подготвена да прифати воведување една изборна единица.
– Согледувајќи ја општо моменталната состојба во Македонија, нашиот став е дека треба да се воведе една изборна единица. Ние веќе кажавме дека ќе го поддржиме, а има добар дел на политички партии кои исто така се согласуваат за една изборна единица. Мислам дека од ДУИ и од Алијанса за Албанците бараат да има осум изборни единици, Беса бара три, а сите останати бараат да биде само една изборна единица. Сепак, останува да се разговара за прагот и за тоа дали листите да бидат отворени – рече Стојаноска.
Снежана Калевска-Ванчева од СДСМ, пак, смета дека промената на изборниот модел не е нешто што се случува често и тој треба да произлезе од степенот на развојот на демократијата и потребите кои треба да ги отсликуваат состојбите во државата, како и разновидноста по многу основи.
СДСМ, додаде таа, како политичка партија го промовира изборниот модел со една изборна единица со програмата уште од 2016 година, но како што вели, до промена на изборниот модел мора да се дојде преку широк консензус.
– Во изборниот модел мора да веруваме сите, ако сакаме навистина демократски процеси, а ако не веруваме во изборниот модел сите, тогаш имаме проблем. Јас не велам дека е потребна апсолутна согласност, тоа не постои, но мора да имаме поширока согласност за едно вакво клучно прашање. Ако нешто поздравувам тоа е конечно овде да се води расправа за изборниот модел, а не помеѓу неколку лидери на политички партии надвор од Собранието – рече Калевска-Ванчева.
Вонредни парламентарни избори?
Лидерот на Демократски сојуз, Павле Трајанов, кој е еден од подносителите на предлог-законот, во изјава за Дојче веле вели дека не ја исклучува можноста да се организираат предвремени парламентарни избори доколку одредени политички партии го блокираат предлог-законот со амандмани.
– Ние предлагачите ќе се вклучиме во расправата и со аргументи ќе се обидеме да изградиме поширок консензус. Но доколку некои од партиите го блокираат со амандмани, тогаш ние предлагачите и партиите што се за промени, ќе изградиме заеднички став, но предлогот ќе биде – вонредни парламентарни избори. Се разбира, само ако има услови за тоа, пред сѐ војната во Украина да заврши и да имаме стабилна безбедносно-политичка состојба, како и гаранции за демократски и фер избори. Во таков случај ќе предложиме да се распушти парламентот и да се организираат предвремени парламентарни избори. Но, ние сме против формирање на некакво ново парламентарно мнозинство – изјави Трајанов.
Тој смета дека „ако мнозинството или повеќе од две третини се изјаснат „за“, тогаш нема да има никаква пречка тој законски проект да помине, затоа што, како што тврди, над 90 пратеници дале поддршка за една изборна единица“.
Според претседателката на ДОМ, Маја Морачанин, која исто така е еден од потписниците на овие предлог измени, промената е во насока на демократизација на општеството и подобра претставеност на граѓаните во Собранието.
Со шест изборни единици, гласовите од одредени партии се расцепкуваат, па често се случува тие да освојат 40.000 гласови на ниво на држава, а да не успеат да добијат ниту еден пратеник. Тоа значи дека граѓаните кои гласале за таква опција остануваат непретставени во Собранието.
– Воведувањето една изборна единица е во насока на демократизација на општеството и подобра претставеност на граѓаните во Собранието. Зошто? Затоа што со шест изборни единици, гласовите од одредени партии се расцепкуваат, па често се случува тие да освојат 40.000 гласови на ниво на држава, а да не успеат да добијат ниту еден пратеник. Тоа значи дека граѓаните кои гласале за таква опција остануваат непретставени во Собранието. И доколку се усвојат овие измени, сега овој предлог-закон е само за промена на изборниот модел за една изборна едница, тогаш ќе биде пошаренолико Собранието и ќе можат интересите на различни групи граѓани да бидат претставени во самото Собрание. И во таа насока зборуваме за демократизација на општеството. Лично јас очекувам да биде поддржан предлог-законот. Да, факт е дека помалите партии добиваат со вакви изборни едници, но не губат големите партии. Истражувањата велат дека по еден пратеник би имале помалку овие големи партии. Но, важно е граѓаните да бидат соодветно претставени и во Собранието да имаме претставници на граѓани со различни интереси, со различна идеологија и итн – објаснува Морачанин.
Но, според ДУИ, решението не е во бројките, туку во консензусот меѓу сите партии.
Заменик-координаторката на ДУИ, Вјолца Адеми, вчера потенцираше дека за таков важен закон потребен е поширок консензус, и меѓупартиски, и меѓуетнички.
– Не можеме да дозволиме да се направи мајоризација на една над друга политичка партија. Отворени сме за преговори, но треба да имаме поширока дебата со аргументи – рече Адеми.
Подносители на предлог-законот се пратениците Павле Трајанов од ДС, Маја Морачанин од ДОМ, Моника Зајкова и Боби Мојсоски од ЛДП, Љупчо Балкоски од ВМРО-НП, Димитар Апасиев и Борислав Крмов од Левица, Панчо Минов од СДСМ и сега веќе поранешниот пратеник на ДОМ, Мирослав Богдановски.
Со поднесениот предлог-закон се предвидува и на етничките заедници кои се застапени со помалку од 20 проценти од населението да им се гарантира пратеничко место, доколку освоиле најмалку ист број на гласови со бројот на гласови потребни за пратеничко место.
Џафери: Измени не се прават со надгласување
Собранискиот спикер Талат Џафери синоќа изјави дека измени на Изборниот модел не може да се прават со надгласување или со условување.
– Секоја промена на изборниот систем мора да биде со консензус. Никому нема да му служи ако оди по принципот на надгласување или условување. Тоа е ултиматум. Собранието не смее да работи под ултиматум, мора да има консензус – изјави Џафери на МРТВ.
Тој смета дека проблемот не е во изборниот систем.
– Зошто не излегуваат сами политичките партии и да се мери секој колку поддршка има. Не е проблемот во шесте изборни единици, проблемот е во поддршката. Една коалиција, друга, трета, и на крај за една година се распаѓаат скоро сите коалиции – рече Џафери.
Според него, треба да се води дебата за да се слушнат аргументите на сите.
– Консензусот не значи сите да добиваат се, консензусот е сите да попуштат малку, да отстапат по нешто, инаку сѐ друго е ултиматум или диктат – рече Џафери.