Ние дефинитивно веќе не знаеме каде лежи нашиот поголем проблем: во локалнава криминална власт или во бриселската политикантска номенклатура? Или, всушност, во партнерството на двете неморални страни, здушно помагано од лукративната ни „интелектуално образована“ клиентела?
Зашто, да објавиш онаков катастрофален Извештај за состојбите во една земја, а потоа „елегантно“ да ја продолжиш „страсната врска“, треба да бидеш беден политикант. Или, како власт да добиеш онаков поразителен „опис“ за нефункционирањето на државата а причините за тоа да ги наоѓаш кај опозицијата и сите други, треба да немаш ни образ ниту морал.
Е таа и таква мизерна „семејна“ лакрдија ни се сервира деновиве, зачинета со засмрдени додатоци од локалната „експертска“ кујна која со сите сили се обидува да ја убеди јавноста дека ништо страшно не се случило, дека такви „оброци“ сме добивале и порано, дека никој всушност и не ги чита тие извештаи итн., итн.
Затоа, впрочем, речиси е невозможно да се поверува дека бесрамната папочна врпца Брисел-Скопје којашто ја храни оваа коруптивно-криминална мафија ќе се пресече. Затоа, впрочем, и сомнежот дека неморалниот карактер на онаа бриселска гарнитура односно нивната потреба од ваква криминална македонска власт каквашто им помогнавме да си сместат во Скопје ќе се смени по актуелниот Извештај за состојбите во државава (не само) во 2023 година. Застрашувачкиот опис на нефункционирањето на оваа држава, иако често со воздржан политикантски речник, сепак, се чини, ќе биде надминат со познатата флоскула за „стратешкиот интерес“ на Унијата, но на штета на интересите на македонските граѓани во овој веќе грд процес.
Да не е така, и некои други делови од Извештајот ќе звучеа поинаку, односно ќе ја опишуваа македонската реалност со вистинските зборови. Но, уште од првите страници очигледна е подготвената отстапница во интерес на стариот шаблон на жизнерадосна соработка со оваа власт. И ова воопшто не е некаков песимистички пристап – а би требал да биде, после сѐ – но некои нешта се видливи и со голо око и читливи „црно на бело“. И не се многу пријатни.
Веќе стартот, односно првите реченици на Извештајот (таканареченото „Резиме на извештајот“, т.1.2.) ја откриваат трагата на отстапницата тврдејќи дека „Северна Македонија продолжи со напорите за зајакнување на демократијата, соочувајќи се со значителни предизвици на планот на владеењето на правото“!
Ваквото, во самата суштина „проблематично“ (да не речам замаглено до лажливост!) тврдење, ако не е резултат на континуирано слепило, тогаш е одраз на свесното премолчување на вистинските состојби и авансирање во идната (повторно) неморална „соработка“. Поточно, прво, таа фраза запаѓа во очигледна и непродуктивна контрадикција бидејќи „зајакнатата демократија“, ако навистина ја има, не може да се судрува со „предизвици на планот на владеењето на правото“. Особено заради тоа што ова што се случува кај нас не се банални предизвици туку е директно и вулгарно поништување на владеењето на правото!
Второ, тоа не е мој произволен заклучок туку тоа газење на правото се констатира долж и попреку целиот Извештај – за судството, за корупцијата, за организираниот криминал итн. – со, на моменти, прилично остри констатации, што е неспоиво со констатираната „зајакната демократија“. Или, да прашале составувачите на Извештајот кој и да е нормален (што ќе рече непартиски) македонски граѓанин, ќе добиеле одговор дека Македонија е многу подалеку од демократијата денес отколку што беше во 1991 година!
Или Брисел и тамошната номенклатура сакаат да речат дека констатираните висока корупција и организиран криминал во самиот врв на државата се второто име на зајакнатата демократија а ние тоа не сме го знаеле? И како овие „категории“, заедно со страотно корумпираното и контролирано судство ја зајакнуваат демократијата? И каде се тука сите оние секојдневни автократско фашизоидни изливи на поединци на челни позиции во власта?
Понатаму, дали, на пример, за нормален демократски чин на власта се смета склучен договор во четири очи вреден 1,5 милијарди евра? Има ли сличен пример во европските демократии па и ние така да го прифатиме?
Или Брисел за зајакнати демократски чекори ги смета и актуелните притисоци на власта за наметнување на некогашната контрола врз медиуми преку методот на поткуп со буџетски пари? Оној ист метод од времето на груевизмот, а којшто се покажа за погубен за дел од медиумите и против којшто секојдневно демонстрираа македонските граѓани? И повторно ли власта ќе биде главниот и (не)одговорен уредник на повеќето телевизии? Тоа ли е бриселскиот тип на демократија во медиумите?
Вистинската реченица за почетокот на ваков извештај би била дека Северна Македонија, во периодот по 2017-та година воопшто не го започна очекуваниот процес на зајакнување на демократијата. Следствено, игнорирањето на тој незапочнат (иако најгласно ветуван) процес ескалираше од година в година, до резултатите посочени во понатамошниот дел од Извештајот. Односно, невозможно е една земја да ја развива и особено да ја зајакнува демократијата а притоа да постигнува онакви поразителни „резултати“ во сите најважни сегменти во општеството.
Така требал да започне овој Извештај, и веднаш тука да – заврши!
Но, многумина би сугерирале дека таквиот почеток и потенцијален крај би предизвикале силни потреси во т.н. „меѓународна заедница“. Дали навистина? Можеби. Но дали на таа „меѓународна заедница“ ѝ е поважно да има во скутот нестабилна, недемократска, криминално коруптивна и лоповска држава…? Веројатно, бидејќи тие и такви „држави“ полесно се контролираат.
Следствено, дали на Брисел токму заради тоа му оди во прилог ваквиот вокабулар што ги извртува фактите за вкупните (не)демократски состојби во државава и отвореното говорење невистини (да не речам лажење)? Веројатно. Инаку, целиот трагикомичен евроинтегративен процес на Македонија би морал веднаш да заврши. Или, во најдобар случај, да биде ставен во мирување до нормализирањето на состојбите во државата. Што не би било ни брзо ни лесно, особено заради фактот што доаѓаат избори на двете страни, при што исходот, барем во едната, е предвидлив со голема веројатност па следната бриселска гарнитура ќе мора многу работи да започне од почеток?!
Извор: Теодосиевски уметност