Митрески: Пендаровски ги брани државните позиции во процесот на обезбедување на нашата европска иднина

492

Како соодветно обраќање во рамки на надлежностите на неговата функција и на линија на државниот интерес го оцени СДСМ годишното обраќање на Стево Пендаровски во Собранието. Во претседателот СДСМ гледа сојузник во изнаоѓање решенија за надминување на сите пречки и за обезбедување подобар живот за сите граѓани.

– Го цениме придонесот што претседателот Пендаровски го даде, особено во изминатава година која беше тешка за сите граѓани, од аспект на борбата со коронавирусот и предизвиците со кои се соочивме поради тоа што немавме функционално Собрание. Го поздравуваме фактот што претседателот Пендаровски ги брани државните позиции во процесот на обезбедување на нашата европска иднина, како и во изнаоѓање решенија за прашањата со Бугарија. Од институцијата Претседател, сега, за разлика од претходно, навистина гледаме државнички пристап и единство за стратешките позиции, што е многу важно за нашата земја – изјави по обраќањето на Пендаровски координаторот на СДСМ Јован Митрески.






Заедничка е заложбата, додаде Митрески, дека државата добива многу со членството во НАТО,  но и дека полноправното членство во Европската Унија нема алтернатива.

– Претседателот уште еднаш потврди дека за македонскиот јазик, македонскиот идентитет не се разговара, ниту се потребни какви било документи, седници или слично. Тие се потврдени и меѓународно признаени. Со претседателот заеднички ја делиме потребата од засилена борба против лажните вести и хибридните закани посебно за лажните вести кои хистеричната опозиција ги шири и врши директна штета на државните интереси – рече тој.

Како претставници на граѓаните, потенцира Митрески, СДСМ во претседателот Пендаровски гледа сојузник во мисијата да се изнајдат решенија за надминување на сите пречки, решенија што обезбедуваат подобар живот за сите наши граѓани.

– Очекуваме тоа да продолжи и во следниот период затоа што заеднички треба  да се посветиме на работа за граѓаните и на работа за државата – истакна координаторот на СДСМ.

Тој се обрати и до опозицијата во Собранието која пред обраќањето на Пендаровски излезе со транпаренти, му сврте грб на претседателот и ја напушти седницата.

– За жал денеска јавноста повторно беше сведок на неодговорно, антидржавно и деструктивно однесување на опозицијата. Денес забеганоста отиде до таму да вадат транспаренти во момент кога со едноминутно молчење се изразуваше жалење за починатите од коронавирусот. Е до тоа дереџе падна ВМРО-ДПМНЕ – рече Митрески.

ВМРО-ДПМНЕ, додаде тој, во Собранието не знае за ништо друго освен за бојкоти, блокади и деструкции. Тоа, потенцира, граѓаните го гледаат и го ценат, затоа нижат порази шест пати по ред, затоа ќе продолжат да нижат порази и во следниот период.

Поврзани содржини