МИТКО ЈАНЧЕВ НЕМА ДА БИДЕ ДЕЛ ОД НОВАТА ВЛАДА Добил понуда за министерско место, но решил да остане градоначалник на Кавадарци
Имињата на министри од ВМРО-ДПМНЕ во новата влада ќе бидат соопштени утревечер по седниците на Извршниот, а потоа и на Централниот комитет на партијата.
Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев нема да биде дел од новата влада предводена од Христијан Мицкоски. По шпекулациите дека добил понуда да стане министер за локална самоуправа, Јанчев во изјава за медиумите потврди дека разговарале со Мицкоски да биде дел од новата влада, но на крај се договориле во интерес на партиската и идната владина програма, да остане на градиначалничката функција во Кавадарци до крајот на мандатот.
– Останувам да ја водам општина Кавадарци како градоначалник. Ова значи дека преку локалното делување, а во во соработка со идната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ќе продолжам да ги поддржувам сите активности, проекти и програми кои ќе придонесат кон подобар стандард и квалитет на живот – изјави Јанчев.
Имињата на министри од ВМРО-ДПМНЕ во новата влада ќе бидат соопштени утревечер по седниците на Извршниот, а потоа и на Централниот комитет на партијата.
Решенијата со денови се договараат меѓу работните групи на коалиционите партнери, но досега коалицијата „Твоја Македонија“ објави само дека ќе ги предводи ресорите МВР, МНР, одбрана, финансии, транспорт и врски, образование, култура, земјоделство, енергетика, локална самоуправа и политички систем.
Неофицијално, за министри, покрај потпретседателите на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски, Тимчо Муцунски, Владо Мисјаловски и Гордана Димитровска Кочовска, се подготвуваат и Панче Тошковски, Сања Божиновска, Весна Јаневска, Стефан Андоновски, Цветан Трипуновски, Зоран Љутков и Борко Ристовски.
Министерството за етнички заедници, како и уште две министерски места без ресор ќе ги добијат помалите коалициони партнери.
Од ЗНАМ вчера објавија дека Горан Минчев е планиран за министер за администрација, а Игор Филков за правда. Филков е приватен сопственик, управител на „Спектрум Медикал“ Скопје и претседател на Управниот одбор на партијата. Минчев е генерален секретар, инаку поранешен пратеник од СДСМ.
Екс директорот на МЕПСО, Орхан Муртезани, се подготвува за министер за европски прашања од Алтернатива, но Централното претседателство на партијата вечерва ќе ги потврди нивните кандидати.
Од Движењето Беса завчера соопштија дека, Фатмир Лимани ќе им биде кандидат за министер за социјална политика, демографија и млади, Бесар Дурмиши за министер за економија и труд, додека Седат Сулејмани за заменик-министер за култура и туризам.
Од Коалицијата Вреди, Арбен Таравари ќе биде кандидат за министер за здравство, а за министер за добро владеење ќе биде предложен Арбен Фетаи. Изет Меџити потврди дека тој ќе биде вицепремиер и министер за екологија.
Предлогот за нова влада треба да биде доставен во Собранието во вторник, а изборот е најавен за следниот викенд.