„МИТИЛИНЕОС“ ЌЕ ЈА ОШТЕТИ ДРЖАВАТА ЗА НАЈМАЛКУ МИЛИЈАРДА ЕВРА“ Движењето ЗНАМ ги повика пратениците да не гласаат за законите од енергетиката

Минчев рече дека со оваа гасна електрана треба да стопанисува државната компанија ЕСМ, при што од остварениот профит во наредниот период ќе се создаваат можности за финансирање нови базични енергетски објекти. Тој додаде и дека е апсолутно недозволиво користење на плодно земјоделско земјиште за изградба на фотоволтаични централи.

1,435

Владата турка закони од енергетиката кои ќе ја оштетат државата и граѓаните за најмалку милијарда и двесте милиони евра во следните децении, изјави Горан Минчев, генерален секретар на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија денеска на прес конференција.

Движењето ЗНАМ – За наша Македонија смета дека когенеративната гасна постројка е несомнено профитабилен базичен енергетски проект, којшто треба да се гради како национален проект, финансиран и изграден од нашата држава, а не од некој надворешен т.н. стратешки инвеститор кој, како што велат, нема да инвестира ниту едно свое евро.






Минчев рече дека со оваа гасна електрана треба да стопанисува државната компанија ЕСМ, при што од остварениот профит во наредниот период ќе се создаваат можности за финансирање нови базични енергетски објекти. Тој додаде и дека е апсолутно недозволиво користење на плодно земјоделско земјиште за изградба на фотоволтаични централи.

– Владата на Македонија во услови на предизборие, преку скратена постапка, во парламентарна процедура повторно стави закони кои се исклучително штетни за државата и за македонските граѓани. Се работи за четири закони за стратешки инвестициски проекти во областа на енергетиката. Оваа Влада, пред да си замине во историјата, сака предложените закони по секоја цена да бидат изгласани во Собранието. Станува збор за проектите „Митилинеос когенеративна гасна постројка Скопје“ и изградба на соларните електрични централи АИМ Греен ТЦХ, Пехчево и Стипион – посочи Минчев.

Тој потенцира дека тоа се профитабилни базични енергетски проекти што ќе се градат со голема државна помош, како и голем број поволности и поттикнувања, финансирани од буџетот на државата, средства на државните енергетски претпријатија, но и од самите граѓани, како крајни потрошувачи, преку плаќањето на сметките за електрична енергија.

Минчев рече дека енормниот профит и огромната државна помош на стратешкиот инвеститор Митилинеос, Владата правно сака да го регулира со изгласување на Законот за Митилинeос когенеративата електрана Скопје. По донесувањето на Законот ќе бидат потпишани бројни договори помеѓу Митилинеос и Владата, како што се: Договор за стратешки инвестиционен проект Митилинеос когенеративна централа Скопје, Договор за државна помош, Договор за откуп на електрична и топлинска енергија, Договор за гаранции, Договор за закуп на градежно земјиште.

– Стратешкиот инвестициски проект „Митилинеос когенеративна електрана Скопје“ и другите три  проекти за изградба на фотоволтаични централи се добро осмислен и бескрупулозен стратешки грабеж на буџетот и на граѓаните на Македонија во наредните 30 години – Минчев.

Тој нагласи дека државната помош што Владата треба да му ја даде на Мителинeос се состои во следното директна финансиска поддршка од 49,3 милиони евра, плаќање на давачките за емисии на јаглерод за период од 30 години од над 700 милиони евра, изградба на Индустриската зона „Енергија Скопје“ што ќе чини најмалку 20 милиони евра, ослободување од плаќање даноци, давачки, такси, според Договорот за гаранција и ослободување од дополнителни финансиски обврски кои во иднина би се јавиле со измена на законодавството во државата.

– Владата се обврзува на Митилинеос за период од 30 години да му ја откупи вкупната произведена електрична енергија по загарантирани цени што во просек се речиси 17 проценти повисоки од берзанските, како и вкупно произведената топлинска енергија, со што вкупната загуба на Македонија само по овој основ ќе изнесува над 450 милиони евра. Во 30 години, колку што е предвидено да трае Договорот, актуелната Влада се откажува од околу 1,2 милијарди евра профит, којшто всушност ќе му го отстапи како профит на Митилинеос – нагласи Минчев.

Тој вели дека ако се усвојат овие закони, за нивно раскинување се предвидени огромни пенали за Македонија, кои веројатно би ја надминале штетата од самата имплементација.

– Од оваа точка враќање назад нема. Или сега нема да се усвојат овие закони или граѓаните ќе ги полнат џебовите на одредени економски центри на моќ кои практично ќе станат газди на Македонија – потенцира тој и ги повика пратениците во Собранието на Македонија „да не бидат заложници на одредени структури кои потекнуваат од претходното и сегашното раководство на СДСМ“.

Поврзани содржини